Велибор Манев го покажал местото каде што бил закопан Панче Жежовски, сведочеа полицајци

„Колегите почнаа да разговараат со Велибор. Потоа се движевме со возила до одредено место, а потоа продолживме пеш по земјен пат каде Велибор им кажа на полицајците дека тука има закопано човек”, рече првиот полицаец што сведочеше

Припадници на интерветната полиција денеска сведочеа како обвинетиот Велибор Манев ги однел до местото каде било закопано телото на убиениот велешанец Панче Жежовски.

Тоа, како што раскажа еден од двајцата полицајци што сведочеа, било на 3 декември лани. Тогаш биле повикани во полициската станица Кисела Вода каде добиле задача да пренесат лице до наплатна станица на „Македонија пат“ каде ќе бидат пречекани од колеги од СВР Велес.

Тој кажа дека лицето кое го зеле бил Велибор Манев. Со тим од две возила го однеле до испоставата на „Македонија пат“, каде Манев бил преземен од велешките полицајци.

„Колегите почнаа да разговараат со Велибор. Потоа се движевме со возила до одредено место, а потоа продолживме пеш по земјен пат каде Велибор им кажа на полицајците дека тука има закопано човек”,

рече првиот полицаец што сведочеше.

Раскажа дека од станицата на „Македонија пат“ до местото се движеле по насоки што ги давал обвинетиот Манев. Таму покажал на место покриено со гранки. Обвинетиот таму бил преземен од полицајците од СВР Велес, кои по 15-20 им кажале на колегите од Скопје да го вратат назад.

Опишувајќи го патот по кој стигнале до местото, кажа дека бил непрооден за возила, имало многу дупки и затоа морале да се движат пеш. Додека го транспортирале, сведокот рече дека Манев не коментирал и не зборувал ништо во полициското возило.

Слична беше и изјавата на неговиот колега. Тој кажа дека на местото каде требало да се копа имало многу дрвја.

„Беше планинско место”,

рече тој.

На прашање од обвинителката дали на местото имало нешто видливо, сведокот одговори негативно.

Рече оти не знале колку време било копано на местото, бидејќи не останале до крај оти им било кажано да го вратат Манев назад во ПС Кисела Вода.

Прашан дали дознал кое е лицето што било закопано таму, полицаецот рече дека подоцна разбрале дека е некое тело во прашање.

Пред почетокот на денешното рочиште изјави дадоа обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска кои рекоа дека пишаната изјава на Влатко Кешишов во која тврди дека Љупчо Палевски-Палчо не бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во оваа фаза од постапката нема доказна вредност.

Крстевска-Јосифовска кажа дека Основното јавно обвинителство Скопје има доволно цврсти докази со кои ќе го докаже она што им се става на товар на обвинетите.

Нивната денешна изјава следува откако на претходното рочиште судијата Ивица Стефановски извести дека обвинетиот Влатко Кешишов поднел писмена изјава доставена од затвор во која вели дека Љупчо Палевски-Палчо на 22 и 27 ноември лани не бил со него, со Велибор Манев и со Боре Видевски кога биле грабнати и убиени Вања и Панче и дека спиел во штабот на партијата Десна.

- Реклама -