На протестот беше испратено главното барање, а тоа е сите одговорни за трагедијата да одговараат и сите уапсени по протестот на 5 ноември да бидат ослободени
Денешниот четврти протест во Нови Сад, Србија, за трагедијата при падот на настрешницата на железничката станица при што загинаа 15 лица, траеше околу два часа, објави Еуроњуз Србија.
Учесниците во прошетка што започна околу 14 часот оставија траги од „крвави дланки“ и порачаа дека нема да се откажат додека не бидат кривично гонети сите одговорни за трагедијата. Се движеа по булеварот на ослободувањето што го нарекоа „булеварот на крвавите дланки“.
На протестот беше испратено главното барање, а тоа е сите одговорни за трагедијата да одговараат и сите уапсени по протестот на 5 ноември да бидат ослободени.
Протестната прошетка помина и покрај просториите на владејачката партија СНС пред која имаше мала расправија меѓу демонстрантите и група луѓе кои стоеја пред просториите на СНС, но немаше инциденти.
Учесниците на протестот најавија дека ќе простетираат се до исполнување на нивните барања.
Инаку, протестот започна токму пред железничката станица чија бетонска настрешница се сруши на 1 ноември при што загинаа 14 лица, а подоцна на повредите им подлегна уште едно. Две лица и натаму се борат за живот.
Следуваа силни реакции во јавноста и масовни протести, што резултираше со неколку оставки, а потоа и со апсења на осомничени. Повеќемина од нив добија притвор, а меѓу нив е и министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија во заминување Горан Весиќ. Нему владата денеска му го одзеде имунитетот.