ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој е синоним за починати граѓани и криминал

„Филипче е човекот на кој му изгореа 14 лица во модуларната во Тетово и тој не понесе одговорност. Филипче е човекот кој за време на короната ја стави Македонија високо на светската и европската листа, но по број на умрени луѓе“, обвинија од ВРМО-ДПМНЕ

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / фото: „360 степени“

Венко Филипче е потрчко на Зоран Заев и тој едноставно не може да биде новото лице на СДСМ. Ова попладнево го соопштија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако почна 30. Конгрес на опозицискиот СДСМ на кој треба да се избере ново раководство на партијата.

„Филипче е човекот на кој му изгореа 14 лица во модуларната во Тетово и тој не понесе одговорност. Филипче е човекот кој за време на короната ја стави Македонија високо на светската и европската листа, но по број на умрени луѓе. На ниво на свет ја стави Македонија на високото петто место по број на починати, а на ниво на Европа по број на починати на еден милион на високото четврто место“,

соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, Фани Каранфилова Пановска која Филипче сакал, како што се наведува во соопштението, да ја продаде како нов лик, е претседателка на Сорос Македонија.

„Каранфилова Пановска не е никаков нов лик, ниту лице заинтересирано за општо добро. Неа ѝ се важни само парите или како директор на македонски Сорос, според јавно достапните информации месечно зема скоро 3 500 илјади евра. Луѓето на Филипче се истите луѓе на Заев кои се второ име за корупција и криминал, воедно и назадување на Македонија на секој план. Филипче, неврохируругот на Заев и 40 потрчковци се само синоним за корупција и криминал што резултираше со тонење на Македонија“,

велат од партијата.

Конгресот на СДСМ е во тек. Пред почетокот, претседателот на партијата Венко Филипче порача дека е праведно сите да прифатат дека се виновни за поразот на минатите избори но, како што нагласи, тој не е крај, туку шанса за нов почеток.

- Реклама -