Иницијативен одбор за промени во ЛДП: Партијата го губи идентитетот и станува трговец поединец, Зајкова да свика вонредно собрание

Иницијативниот одбор за промени во ЛДП тврди дека Зајкова ја замајува јавноста со тврдење дека добила потврда на мандатот од Централниот одбор на партијата бидејќи такво нешто не е предвидено во статутот на партијата

ЛДП го губи идентитетот и наместо политичка партија, станува трговец поединец, обвини денеска иницијативниот одбор за промени во партијата, кој побара отчетност и одговорност од раководството, особено од претседателката Моника Зајкова.

„За жал, ова морам да го кажам, сè повеќе се гласините меѓу членството дека ЛДП наместо политичка партија, почнува да го губи својот идентитет, станува друштво со ограничена одговорност, да не речам трговец поединец. Ние сакаме да застанеме на таа појава и сакаме ЛДП повторно да биде оној фактор којшто беше и во градот Битола и во државата“,

рече Бошко Китановски на денешната трибина „Каде оди ЛДП“ во Битола.

Иницијативниот одбор за промени во ЛДП тврди дека Зајкова ја замајува јавноста со тврдење дека добила потврда на мандатот од Централниот одбор на партијата бидејќи такво нешто не е предвидено во статутот на партијата.

„Не сакаме да ја замајува јавноста дека добила потврда на мандатот од Централниот одбор на две седници. Во ниедна одредба од Статутот на ЛДП, согласност и отчетност претседателот на партијата не дава пред Централниот одбор, туку единствено пред Собранието на ЛДП. Затоа ја повикуваме да се одважи и да свика вонредно собрание на ЛДП“,

рече Китановски.

Од иницијативниот одбор за промени упатија и директно сомневање за претседателката на партијата дека дејствува независно во Собранието.

Зајкова вчера, пак, изјави дека не е загрижена поради внатрепартиската иницијатива за нејзина смена по дистанцирањето од СДСМ, велејќи дека станува збор за неколку лица кои поради лични амбиции собирале потписи од претседатели на општински организации што биле распуштени од претходниот претседател и фалсификувале потписи од починати лица.

Зајкова неодамна потврди дека ЛДП во Собранието ќе дејствува независно, а согласно програмските принципи и либерално-демократските вредности ќе дадат поддршка на она што веруваат дека е добро за државата и граѓаните, и ќе го критикуваат она што сметаат дека не е.

- Реклама -