Податоците за новороденчиња во Гостивар од почетокот на годината до средина на ноември, отвораат простор за надеж дека после долго време, може да се очекува пораст на наталитетот на годишно ниво. Иако поместувањето во позитива не е големо, сепак е значајно, со оглед на тоа што во последните две децении на гостиварското подрачје бројот на новородени бележи драстично опаѓање.
„Оваа година до 15 ноември на одделението имаме 388 раѓања и за прв пат сме во позитива, после 15-16 години. Лани, во истиот период сме имале 373 раѓања. На што се должи порастот, не може да прецизираме. Дај боже младите да се освестиле дека треба да раѓаат повеќе деца и да не го одложуваат родителството. Инаку, условите што ги имаме за родилките овде се добри, услугата што ја пружаме квалитетна, веројатно и тоа придонесува“, вели д-р Агим Јакупи, раководител на гинеколошо-акушерското одделение во гостиварската болница.
Што се однесува до начинот на породување, продолжува трендот да се преферира царскиот рез, за разлика од минатото кога се изведувал само во специфични ситуации.
„Секоја година има раст на порудувања со оперативни зафати, и тоа е тренд не само во Гостивар, туку во регионот и во државата, па може да се каже и во цел свет.“, оценува д-р Јакупи.
Останува да се види дали до крајот на годината ќе се задржи текот на зголемување на бројот на новородени и дали за Гостивар 2024-та ќе биде година на пораснат наталитет.