Во предлог-буџетот за 2025 г. нема доволно средства за проектот со „Бехтел и Енка“, смета поранешниот министер за финансии

„За динамиката со која сакаме да се реализира тој проект, да стигне за 4-5 години да се реализира цел проект, веројатно ќе требаат повеќе средства (од предвидените осум милијарди денари или 130 милиони евра, н.з.), но тоа ќе зависи од самиот процес. Тој проект е значаен и сам по себе има значаен економски импакт во земјата“, вели Фатмир Бесими, кадар на ДУИ

За динамиката со која сакаме да се реализира проектот со „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10-д, да стигне да се заврши за четири или пет години, ќе требаат повеќе средства од оние што се предвидени во предлог-буџетот за следната година, вели поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими, кадар на ДУИ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Бесими рече дека е добро тоа што во планираниот буџет за в година, дефицитот е проектиран на 670 милиони евра, а капиталните расходи се повисоки и изнесуваат 820 милиони евра, но вели дека планираните осум милијарди денари (околу 130 милиони евра) за коридорот 8 и 10-д се недоволни и оти веројатно ќе се потребни повеќе пари.

Бесими: Битно е од капиталните расходи, во структурата гледам таму за коридорите 8 и 10-д кои се најмногу коментирани, стои како посебна ставка околу 8 милијарди денари.

360°: Министерката за финансии кажа дека има 12 милијарди (околу двесте милиони евра). Усно.

Бесими: Од тоа што го видов, беа осум милијарди во буџетот, можеби со ребаланс нешто ќе се додаде, ако останат средства може на Државни патишта да им се префрлат на крај на годината.

360°: Сакате да кажете дека осум милијарди денари се малку?

Бесими: За динамиката со која сакаме да се реализира тој проект, да стигне за 4-5 години да се реализира цел проект, веројатно ќе требаат повеќе средства, но тоа ќе зависи од самиот процес. Тој проект е значаен и сам по себе има значаен економски импакт во земјата.

Бесими рече дека во моментов реализацијата на капиталните расходи за тековната година е околу 40 отсто.

Прашан за коментарите дека Владата во која тој беше министер на вештачки начин, преку трансфери кон јавни претпријатија, прикажувала реализација како за капитални инвестиции, Бесими вели дека вистината е во бројките и документите, каде што јасно се гледа каде се реализираат тие пари.

Според него, со обвинувањата можеби се алудира на „капиталните трансфери што Владата ги правела кон ‘Електрани на Северна Македонија’, Развојната банка, ‘Железници’ и други“.

„Замислете, за време на ковид-кризата, капиталните инвестиции стигнаа 160 до 200 милиони евра. А во структурата беа некаде 6% во 2020 г. и успеавме да ги кренеме на 13,7% во 2023 г., па 13% и сега се проектирани на 12,6% во структурата на буџетот. Сепак, клучно тука е капиталните да се повисоки од дефицитот, а тоа значи дека ако се задолжуваме заради дефицит, тоа да не биде за тековни расходи, плати и слично, туку за капитални инвестиции“,

изјави Бесими.

- Реклама -