Такви работи не се најавуваат, вели Зеленски по добиеното „зелено светло“ од САД за употреба на оружје со долг дострел за напади врз Русија

Зеленски во обраќањето додава дека треба да се вложи време не во разговори со некого во Москва, туку во тоа навистина да се принуди Русија да стави крај на војната

Информацијата дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе и дозволи на Украина да користи оружје што го обезбедуваат САД за напади длабоко на руска територија, украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно обраќање вели дека „одлуките не се носат со зборови“ и оти такви работи не се најавуваат.

„Денес во медиумите многу се зборува за тоа дека добивме дозвола за соодветни дејствија. Но, ударите не се изведуваат со зборови. Такви работи не се најавуваат. Ракетите сами ќе зборуваат“,

рече Зеленски.

Зборувајќи за рускиот воздушен напад во кој загинаа седум лица и сериозно беше оштетена енергетската инфраструктура, Зеленски рече дека тоа е „еден од најголемите и најопасните руски напади во целата војна“.

„Ова е одговор на сите оние кои сакаа да постигнат нешто со Путин преку разговори, телефонски повици, прегратки, омекнување на реториката. Денес овој „гулаб на мирот“ ни испрати уште еден ракетен оган. Ова е неговата дипломатија. Неговиот јазик е предавство“,

додава тој.

Зеленски во обраќањето додава дека треба да се вложи време не во разговори со некого во Москва, туку во тоа навистина да се принуди Русија да стави крај на војната.

Американските медиуми вчера пренесоа дека претседателот Џо Бајден дал согласност Украина да употреби американски проектили и оружје со долг дострел за напади во внатрешноста на Русија.

Одлуката, која засега не е официјално потврдена од Белата куќа или од Пентагон, доаѓа во критичен момент за Украина кога нејзините сили на истокот се под силен притисок на руската армија која напредува во тој дел на фронтот.

Дали дозволата да се користат ATACMS-системите може нешто да промени во ситуација кога околу 50 000 руски, заедно со околу 10 000 севернокорејски војници, се стационирани во близина на курската област која од летото е под контрола на украинската армија.

Овој потег на САД, два месеци пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стапи на должност на 20 јануари, следи по неколкумесечните барања на украинскиот претседател да и дозволи на украинската војска да користи американско оружје за да гаѓа руски воени цели далеку од границата.

Одлуката да се дозволи употреба на ATACMS во Вашингтон се разгледуваше со месеци поради загриженоста дека таквиот чекор може да ја испровоцира Москва да презеем подрастични мерки во војната со Украина.

- Реклама -