Китанова ја доби наградата Гран при за литература на 57. Детски Рацинови средби

Седмооделенката Донка Китанова од ООУ „Вера Циривири –Трена“ од Скопје е добитник на највисоката Гран при награда на меѓународниот поетски конкурс на  57 Рацинови средби кој се одржа во изминатите три дена во Велес- градот на Рацин. Нејзина менторка е професорката Ана Кралевска. Освен од основните и средни училишта од земјава на литератирниот и ликовен конкурс „Мене и душата ми е црвена“ годинава учествуваа и литературни и ликовни творци од Хрватска и Србија,а кои беа меѓу наградените и пофалените.

Во изјава за МИА, добитничката на Гран при наградата  Донка Китанова рече дека вторпат учестува на овој значаен  меѓународен литературен конкурс, а лани освоила трета награда. Песната ја напишала за една недела.

-Оваа награда за мене значи голем успех  и многу сум среќна што ја освоив, а воедно оваа висока награда со името на Рацин ќе биде мој поттик и понатаму да продолжам да творам,а можеби во иднина ќе издадам и моја стихозбирка, најави наградената седмооделенка Китанова.

Инаку првата награда во меѓународниот литературен конкурс ја освои деветооделенката Даниела Теова од ООУ „Васил Главинов“ од Велес со ментор Каролина Попова. Таа се закити и со втора награда на ликовниот конкурс под менторство на својата професорка Снежана Стефановска и е единствена учесничка на „Детските Рацинови средби“ и една од ретките на манифестацијата која во иста година освои две високи награди.

За МИА изјави дека е пресреќна за наградите и дека тие ќе и бидат поттик и понатаму  успешно да твори и во литературата и во ликовното творештво.

Првата награда по литературниот конкурс за средношколци ја освои Клара Ѓуровска од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Скопје под менторство на професорката Елена Неделковска.

Една од наградените со трета награда за песната „Црвениот поет“ е и Сашка Билбиловска од трета година во Општинското Средно медицинско училиште „Гостивар“ од Гостивар. Таа за МИА изјави дека е пресреќна што освојува вака висока награда на овој престижен меѓународен и најпознат во земјава литературен конкурс со долга традиција, а уште повеќе што е посветен на големиот поет и револуционер Коста Солев Рацин. 

На ликовниот конкурс во категорија средношколци првата награда и златен пехар ја освои Драгана Минова од СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе со ментор Биљана Трајанова, а кај основците со првата награда и златен пехар се закити Ива Илиев од ООУ„Васил Главинов“ од Велес со ментор Снежана Стефановска.

Беше доделена и награда за ИКТ проекти од предметна настава за прво место за ментор на Тодорка Карамичева од ООУ „Кирил и Методиј“ од село Стојаково, Општина Богданци. Беа доделени и награди за најдобра режија, видео обработка, сценографија, костимографија.

Прва награда за групна ликовно-поетска творба за одделенска настава добија Зорица Адамчевска и Јулијана Нацева од ООУ„Блаже Конески“ од Велес.

Во рамките на 57 Рацинови средби се одржа и рецитаторски и ораторски натпревари, а за кои исто така беа доделени награди. Во рамки на програмата на овие средби се одржа и стрип работилница за Рацин, од кои изработени ученички стрип дела, потоа беше отворена и изложба во холот на локалната библиотека, каде беа претставени и сите пристигнати ликовни дела од ликовниот конкурс.

Познатиот писател за деца и млади Горјан Петрески кој секоја година доаѓа на Детските Рацинови средби и промовиран свои книги и се дружи со младите творци за МИА, изјави дека оваа е најзначајната литературна и ликовна манифестација за деца во земјава,која опфаќа се’ повеќе и повеќе нови области интересни за децата и младите во 21 век.

-Традиционалните Детски Рацинови средби во Велес веќе 57 години се најмасовна литературна и ликовна манифестација во земјава а која веќе прерасна и во меѓународна,а таа значи и зближување на литературните и ликовни творци од земјава со оние од други земји. Детските Рацинови средби се потреба и место каде што можат да се претстават младите литературни и ликовни творци, а  во последниве години и во нови други дисциплини: ораторството и рецитаторството, како и во ИКТ мултимедијални  проекти во предметна настава и се повеќе и повеќе нови области кои се’ интересни за децата и младите во овој 21 век. Организаторите успеваат успешно  да создадат манифестација со која се гордее Велес и Македонија и се една од најзначајните во земјава. Воедно учесниците се продолжувачи на делото на големиот Рацин и негови наследници на новото време, потенцира Петрески.

Сите учесниците и гости на 57 Детски Рацинови средби  годинава по традиција ја посетија Спомен куќата на Рацин во стариот дел на Велес и  Спомен костурницата од НОВ каде почива и Коста Солев Рацин и положија букет свежо цвеќе како и на неговиот споменик пред велешката гимназија која го носи неговото име.

Организатори на 57 Детски Рацинови средби се МДПС „Премиера“ Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев. 

- Реклама -