Гостиварки и годинава преку традиционалната храна и специфичните специјалитети на поднебјето, го претставија домаќинскиот и гостипримлив дух на Гостивар, при тоа не заборавајќи ја важноста на негување на хуманите вредности.
Годинешното издание на манифестацијата „Етно вешта жена“ кое се одржува вечерва има мото „Вкусот на Гостивар“ и донесува трпеза со јадења по старински рецепти, кои важат за препознатлив белег на крајот.
„Учесничките се потрудија да подготват храна која е потрадиционална за Гостивар, со цел да не се заборават сите тие специјалитети и да се пренесуваат на младите, да не заборават и да се потсетуваат на своето потекло и она што е белег на нивното место. На пример, Гостивар е познат по гостиварската баклава, потоа најразлични пити по стари рецепти на нашите мајки и баби, попарени колачиња и други солени и благи специјалитети“, рече Мира Србиноска, претседателка на здружението Вешта жена во Гостивар.
Дел од настанот беа и дечиња од основното училиште „Мустафа К.Ататурк“ , кои со своите вредни раце на посебна маса декорираа колачиња и на тој начин развиваа креативност и умешност.
Како и секогаш и годинава, Етно вешта жена има хуманитарен карактер. Средствата собрани од лицитацијата на храна ќе бидат наменети за новогодишни забави и подароци за децата со посебни потреби во Дневниот центар, како за учениците од училиштето кое учествуваше на манифестацијата.
„Потребно е човекот да не гледа сѐ низ призма на парите. Секој од нас треба да размислува во правец: она што ќе го обезбедиш-подели го, дај му на сиромавиот. Имаме многу хумани луѓе, кои не се којзнае колку богати, но прават волшебни работи за да ги израдуват сите кои ги немаат нивните можности. Мојата девиза е-Ако не дадеш сам некому, Господ ќе ти го земе, затоа плашете се од Бога, верувам во тоа, тоа е еден универзум. Кога ќе давате и делите, ќе бидете душевно понахранети, душевната храна е многу посилна и подобра“, нагласи Снежана Стојаноска-Жана, претседателка на републичкото здружение Вешта жена.
Здружението годинава спроведе и акција за децата од Лесковац, Србија кои како изборен предмет го имаат македонскиот јазик и во октомври за нив донираше околу 600 лектири на македонски. Планирано е во предновогодишниот период да им бидат подарени и новогодишни пакетчиња.
Етно вешта жена во Гостивар се одржува по тринаесетти пат.