Го однел дома и пред сопругата и децата пукал во него – отворена истрага за обид за убиство

Според Обвинителството, осомничениот му нанел повеќе повреди на лицето, кое во болница било однесено од сведоци на настанот

Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за истрага и бара притвор за лице осомничено за обид за убиство, соопштија попладнево од Обвинителството.  

Зградата на Јавното обвинителство на РСМ / Фото: „360 степени“ (Архива)

Настанот, како што информираат оттаму, се случил на 14 ноември, околу полноќ, откако осомничениот во алкохолизирана состојба, со автомобил го зел оштетениот и го однел во сопствениот дом наводно да разговараат.  

Но, таму тој извадил пиштол и пред сопругата и двата сина почнал да пука кон лицето. 

„Му нанел повеќе повреди, по што сведоци го пренеле оштетениот во болница“,

се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.  

Поради опасност од бегство, како и можност дека ќе влијае врз сведоците или ќе го доврши делото, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор.  

- Реклама -