Објавена е видео-снимка што наводно ја прикажува експлозијата во дворот на Раде Трајковски-Штекли

Во текстот на порталот 4News се наведува дека пред објавувањето на снимката редакцијата ја потврдила нејзината автентичност

Доцна вечерва порталот 4News објави видео-снимка од безбедносна камера на која, како што се наведува, е прикажан момент од детонацијата на експлозивната направа пред домот на Раде Трајковски-Штелки. 

Делот од снимката во кој се гледа моментот од експлозијата / Фото: Принтскрин

На објавената снимка, може да се види како лицето се движи во дворот од куќата со своето куче, а во моментот кога излегува од портата се гледа чад. 

Датумот на снимката е 14.11.2024 г., а времето што е прикажано е 9:16 часот наутро.  

Во текстот на порталот се наведува дека пред објавувањето на снимката редакцијата ја потврдила нејзината автентичност.  

Инаку, во четвртокот кога се случи настанот, од МВР соопштија дека експлозијата во населбата Ќерамидница се случила во 9:20 часот и дека во ена е повредено едно лице, без да ги соопштат неговите иницијали.

Сепак, повеќето медиуми објавија дека станува збор за Раде Трајковски-Штекли кој во период од два месеци лани беше цел на два вооружени напади во трговскиот центар „Ист гејт“. 

Од експлозијата, што се води како трет обид за негова ликвидација, Трајковски помина со изгореници кои му беа констатирани во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. 

Засега не е расчистен ниту еден од трите случаи во кои ова лице беше цел на напад. 

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во четвртокот сооппштија дека по наредба на јавен обвинител се собираат снимки од видеонадзор на објекти и се вршат разговори со лица во врска со случајот. 

Подигнатите траги од местото, како што соопштија од Обвинителството, ќе бидат дадени на натамошно вештачење.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со настанот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека МВР ќе одговори со јасна и одлучна борба со криминалот и организираниот криминал.   

„Лошо е тоа што криминалните банди си ‘хараат’ и го нарушуваат мирот на македонските граѓани, но МВР ќе одговори одлучно и сурово. Убиства имало и ќе има, фрлање бомби имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“, 

рече Тошковски, додавајќи оти добро во случајот е што никој не е животно загрозен.   

Прашан дали полицијата можела да им влезе во траг на напаѓачите, со оглед на тоа што нападот со видео и со анимација бил најавен на социјалната мрежа Тик-ток, Тошковски рече дека во одговорот ќе биде целосно искрен, велејќи дека МВР не може да направи чуда, но дека ќе постапи во рамките на капацитетите што ги има.   

Додека трае истрагата медиумите пишуваат за претпоставки дека наводно бомбата била активирана од далечина, како и дека истрагата проверува можен упад во системот на безбедносните камери во домот на нападнатиот. Се проверува дали напаѓачот/напаѓачите имале увид во движењето на Трајковски преку камерите за да знаат кога да ја активираат бомбата. 

- Реклама -