Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија, Димче Велев на настан што се одржа денеска повика на решавање на предизвиците со кои се соочуваат дијабетичарите во земјава, посочувајќи дека е потребна достапност на иновативната терапија
Дијабетесот во Северна Македонија е во подем, со околу 130 илјади пациенти кај кои е дијагностицирана оваа болест, а уште половина од оваа бројка лица сè уште не се дијагностицирани.
Ова беше соопштено на денешниот настан организиран од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија (СЗДСМ), со што по вто пат за два дена беше одбележан Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември.
На настанот беше промовирана книгата „Да се храниме и готвиме здраво“ од Везире Старова, а свои обраќања имаа претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Димче Велев и заменик министерот за здравство Јовица Андовски.
По мотото „Благостојбата кај лицата со дијабетес“ беше испратена порака за превенирање на компликациите кај пациентите, за поголемо внимание на примарната заштита и навремено поставување на дијагнозите на пациентите за да може навреме да се почне со потребната терапија.
Претседателот на СЗДСМ, Велев повика на решавање на предизвиците со кои се соочуваат дијабетичарите во земјава, посочувајќи дека е потребна достапност на иновативната терапија.
„Пред се достапност на иновативната терапија, да се продолжи со инсулинската терапија како што е, да се промени моделот на достапност на т.н. референтна цена, кај што граѓанинот, односно пациентот сам ќе си зема од аптека, систем за сите лица со дијабетес тип 1 во Македонија со цел да се намалат компликациите“,
рече Велев.
Тој нагласи дека кардиоваскуларните заболувања се процентуално најзастапени во земјава, по што следува ретинопатијата и затоа, додаде, потребно е час поскоро да се стави терапијата за ретинопатијата на позитивната листа.
„Сакаме час поскоро да ја имаме таа терапија, наместо да ја купуваме приватно, која е многу скапа, да биде ставена на позитивна листа и да има за сите пациенти, а не како сега со ограничен пристап“,
додаде Велев.
Заменик министерот за здравство Андовски, пак, истакна дека Министерството е во преговори со Светската здравствена организација за проширување на превентивните програми.
„Министерството за здравство е во длабоки преговори со Светската здравствена организација за проширување на превентивните програми, бидејќи сметам дека треба таму се фокусираме. До крајот на годината ќе излеземе со детали во однос на проширување на програмите“,
рече Андовски.
Светскиот ден на дијабетесот, денеска на Плоштадот „Македонија“ го одбележа и Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија – Баланс МК. Свое обраќање имаше и директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, кој речедека планот на ФЗО за следната година е затворање на разговорите со Синдикатите и матичните лекари, по што ќе може да се утврдат средствата со кои располагаат за лековите на позитивната листа.
„Работиме со Министерството за здравство да ги координираме меѓусебните односи, во однос на третманот на дијабетес. Знаете дека дијабетот е програма под Министерството за здравство, но секако дека не го исклучува и Фондот за здравство за својот дел на одговорности. Во основа работиме да видиме како може да ја подобриме комплементарноста во однос на таа програма“,
рече Клековски.
Речиси половина од населението во земјава живее со зголемена телесна маса, има лоши навики во исхраната и намалена физичка активност, што се главни ризик фактори кои доведуваат до појава на дијабетес, а кога станува збор за оваа болест Македонија има една од најголемите преваленции во светски рамки.
Ваквата загрижувачка состојба, пред два дена на прес-конференција по повод Светскиот ден на дијабетесот ја посочи претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија.
Според Миленковиќ, дијабетесот, иако не е заразна болест има размери на вистинска пандемија, како во светот, така и во нашата земја.