Со групна изложба на уметнички дела од четириесетина автори, Друштвото на ликовни уметници Драудакум од Гостивар вечерва одбележа јубилеј, 25 години од формирањето. Настанот се организираше во Центарот за култура АСНОМ, во присуство на членови на друштвото и љубители на ликовната уметност.
„Во своите 25 години постоење, друштвото беше организатор на бројни активности и настани со кои се даде шанса на уметниците да го покажат својот креативен израз. Важно е да напоменеме и дека друштвото беше иницијатор за формирање на национална установа Галерија Гостивар, која денес е реалност.“, кажа меѓу другото во своето обраќање, Арјан Руфати, претседател на друштвото.
Во каталогот на јубилејната изложба, рецензентката Влора Демири забележува:
„Секоја активност на ова здружение претставува камен во изградбата на ова моќно обележје на уметниците кои го формирале. Драудакум беше и останува можност за сите оние кои бараа место да ја изразат својата визија и продолжува да биде свет простор каде уметниците можат да го следат нивниот внатрешен повик“.
На одбележувањето, на претходните претседатели на друштвото:Башким Меџити, Бурхан Ахмети, Осман Демири и Решат Амети, им беа доделени плакети.
На поединци и институции пак, има беа врачени благодарници за соработката и поддршката.