„Тие заслужиле отказ, си добиле отказ во рамки на дисциплинска постапка, а согласно напатствијата на јавниот обвинител ќе следи и соодветна кривична постапка за оние за кои постојат елементи дека сториле кривично дело“, вели министерот за внатрешни работи
Околу 15 високи полициски функционери добиле откази од своите работни места откако Комисија за ревизија на Минитерството за внатрешни работи (МВР) утврдила дека изминатите години селективно и незаконски им биле издавани дозволи за поседување оружје на лица кои не ги исполнувале условите.
Истовремено, како што информира ресорниот министер, Панче Тошковски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, комисиите кои одлучувале по ваквите предмети во минатото лишиле од право да добијат дозвола за поседување оружје лица кои ги исполнувале условите.
Ваквото селективно и незаконско постапување, поради кое над 5 000 предмети поврзани со издавање на дозволи за оружје останале нерешени, а само дел имале епилог, било поттикнато со, како што кажа, незаконити мотивациони средства.
„Јавна тајна е дека комисиите кои ги работеле овој тип на предмети во минатото постапувале крајно селективно мотивирани со друг тип на незаконити мотивациони средства за да на крајот од 5 000 поднесени преднети на годишна основа издадат одреден број на предмети и ги решат така како што сметале дека треба да ги решат. Сакам да ѝ соопштам на македонската јавност дека во текот на денешниот ден, односно во текот на овие денови претходно, па и поголем временски период наназад од моја страна овој факт е констатиран и веќе има разрешници“,
рече Тошковски.
Комисијата за ревизија која била формирана за да го испита ова, како што кажа министерот, своите наоди ги предала на Одделот за внатрешна контрола на МВР кој, пак, по темелна истрага до Одделот за дисциплински постапки доставил предлог за спроведување на постапки за поголем број лица во Министерството.
„Мислам дека некаде за отприлика петнаесетина лица, кои што биле високи полициски функционери во рамки на функционирањето на претходната власт од страна на дициплинската комисија се изречени дисциплински мерки отказ“,
кажа Тошковски.
Дополнително, министерот најави и дека по насока на јавен обвинител против сите оние кај кои ќе биде утврдено дека сториле кривично дело во наредните денови ќе биде поднесена и соодветна кривична пријава.
„Тие заслужиле отказ, си добиле отказ во рамки на дисциплинска постапка, а согласно напатствијата на јавниот обвинител ќе следи и соодветна кривична постапка за оние за кои постојат елементи дека сториле кривично дело. Значи во изминатиов период било давано оружје на луѓе кои законски немале право да поседуваат оружје, што е недозволиво. А притоа, луѓе коишто остварувале право не им било овозможувано да се заврши постапката и преку пет илјади барања така стоеле“,
рече Тошковски во интервјуто.
Но, со ова како што кажа министерот, се решава дел од проблемот.
Ќе се дигитализира постапката за издавање дозволи за поседување оружје
За решавања на останатиот, кој се однесува на граѓаните, Тошковски најави дигитализација на процесот на издавање на дозволите за поседување оружје, што треба да им го ускрати дискреционото право на комисиите и на функционерите во МВР да одлучуваат кој ќе добие, а кој не дозвола за оружје.
Новината, како што образложи Тошковски, предвидува проверките дали некој граѓанин ги усполнува или не условите да поседува оружје да ги прават Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда преку нивните бази на податоци. Така, на пример, наместо како досега, граѓаните кои ќе сакаат да се стекнат со право да поседуваат оружје, самите да одат во суд за потврда дека се неосудувани, овие податоци ќе ги обезбедуваат МВР и Правда.
„Сега Министерството за внатрешни работи во соработка со Министерството за правда по службена должност ќе ги обезбеди сите тие докази и откако ќе утврдиме дека во нашата евиденција се исполнети законските услови за да одреден граѓанин да се стекне со дозвола за оружје, тогаш преку мејл ќе го известиме барателот и во законски рок што ќе го утврдиме, сигурно нема да биде шест месеци како што е сега, ќе го намалиме, ќе дадеме право на граѓанинот да ги направи оние нужни трошоци во однос на лекарско уверение, обуки итн. кои чинат околу 500 евра, и потоа да поднесе официјално барање. Нема да има дискреционо право на органот да одлучува врз основа на други мотивации дали ќе се дозволи или нема да се дозволи. Во вториот дел, кога ќе поднесат граѓаните барање, да не може да се одлучи на пример за предметот број 10 доколку претходно не бидат одлучени предметите од еден до девет. Дискреционото право, дали е тоа комисија, началник, министер, помошник-министер го сведуваме на нула. И на секој еден граѓанин во законита, нормална постапка ќе му овозможиме доколку исполнува законски услови да се стекне со дозвола за носење оружје. За сите оние коишто не ги исполнуваат законските услови, бидејќи податоците ќе се црпат од нашите бази, од базите на Министерството за правда, едноставно нема да има можност да се направи злоупотреба на системот“,
објасни Тошковски.
Прашан дали ќе се прави ревизија кој сè поседува оружје во државата, министерот за внатрешни работи рече дека и тоа е размислувано како постапка којашто ќе треба да ја спроведеме во иднина.
„Се мисли на носење на нов закон којшто ќе треба да ги регулира сите овие права, одредени права да се усогласат со права кои да речеме ги уживаат или мора да ги почитуваат граѓаните на Европската Унија., Чекор по чекор ќе ги решваме проблемите на граѓаните, чекор по чекор ќе даваме резултати, но преку ноќ не бива ништо. Мораме да имаме темелна анализа, мораме да работиме посветено во интерес на граѓаните, мораме да наоѓаме системски решенија“,
рече министерот за внатрешни работи во интервјуто.