За 20 дена можеме да испечатиме околу 200 илјади возачки дозволи кои сè уште не се променети, вели Тошковски

Министерот посочи и дека доколку на возачките дозволи не им е истечен рокот на важност, нивната замена нема да биде на трошок на граѓаните во делот којшто се исплаќа кон државата за производство на возачката дозвола

Околу 200 илјади граѓани останува да ги променат возачките дозволи со „Република Македонија“ со вакви исправи со новото уставно име, а според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, МВР со капацитетите со кои располага во моментов тоа може да го направи за не повеќе од 20 дена.  

Возачки дозволи (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Министерот во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, повторно информираше дека во Министерството во функција е ставена нова машина за печатење на лични документи, со што значително е зголемен капацитетот за издавање на возачки дозволи или лични карти.  

Тој уште еднаш упати апел до граѓаните за ги заменат возачките дозволи со старото име на државата, имајќи предвид дека согласно законските измени кои беа направени во февруари рокот за тоа е заклучно со 31 декември 2024 година.  

„Значи за 20 дена можеме да ги испринтаме, да ги исперсонализираме сите возачки дозволи коишто се потребни доколку граѓаните поднесат барање за замена на документите. Ги имаме обезбедено обрасците кои за разлика од претходно ги немаше. Повеќе нема чекање за граѓаните да можат да пристапат до просториите за да се фотографираат и да ја завршат таа работа“,

рече Тошковски. 

Министерот посочи и дека доколку на возачките дозволи не им е истечен рокот на важност, нивната замена нема да биде на трошок на граѓаните во делот којшто се исплаќа кон државата за производство на возачката дозвола. 

Инаку, Тошковски претходно денеска информираше дека МВР набавило нова машина за печатење на лични документи со која, како што кажа, тројно треба да се зголеми капацитетот и да се забрза издавањето на документите. 

- Реклама -