Министерот вели дека има три до четири клучни точки на коишто се сопнати, но додава дека со тимот којшто го има и со којшто работи се надевам дека за многу брзо време тие ќе бидат откочени
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков се надева дека до крајот на месецот ќе бидат донесени измените и дополнувањата на Законот за култура и со тоа да се олесни постапката за да продолжи реконструкцијата на Универзална сала.
Љутков вели дека неколку работни групи работат на овој случај и дека имаат три до четири клучни точки кои го стопираат процесот, но се надева дека за брзо време истите ќе бидат откочени.
„Верувајте дека работиме. Неколку работни групи работат на случајот. Јас лично се заложив, најголем дел од моето време го поминувам за откочување на тој процес. Во собраниска процедура е и помина на претходната седница на Влада измена на Законот, се надевам дека на крајот на месецот и ќе помине тој закон во Собрание“,
рече Љутков.
Со измените на законот, како што вели Љутков, се предвидува освен националните установи, да може да гради и локални установи или градски установи.
„Имаме уште три до четири клучни точки на коишто сме сопнати, но со тимот којшто го имаме и со којшто работиме се надевам дека за многу брзо време ќе ги откочиме. Верувајте, работиме многу експедитивно и многу брзо, но сепак тоа се некои административни процедури и задачи коишто ги даваме, а за кои треба да помине малку време додека да се пристапи до нив“,
рече министерот.
На прашање дали ќе се заврши постапката до локалните избори, тој одговори дека се надева, бидејќи веќе се распишани тендерите.
Љутков, минатиот месец, најави дека три до четири месеци ќе траат процедурите за законско преземање на Универзална сала од Град Скопје за потоа да продолжи изградбата на објектот.
Во втората фаза од изградбата, која е стопирана, како што рече Љутков, изведувачот можеби нема да биде ист. За да се избере изведувач кој ќе ја доврши втората фаза, министерот рече дека ќе биде распишан тендер, а во проектот најави дека ќе побараат да се направи и уредувањето на платото и мебелот во објектот за да на крај имаат, како што рече, проект „клуч на рака“.
Тој најави и дека ќе бидат поднесени кривични пријави затоа што Министерството за култура незаконски ја преземало Универзална сала.
За тоа против кого се ќе биде поднесена кривичната Љутков немаше конкретен одговор, но од кривичен прогон не ја исклучува неговата претходничка Бисера Костадиновска – Стојчевска, во чие време беше преземена Универзална сала.