За време на денешната акција во Амстердам, полицијата ги искористи проширените овластувања што и беа доделени и спроведе вонредни мерки кои се во сила до четврток, јавува Ројтерс
Холандската полиција и денеска уапси пропалестински демонстранти кои се собраа во центарот на Амстердам и покрај забраната што беше воведена по неодамнешното насилство на улиците на Амстердам по фудбалскиот натпревар меѓу Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив.
Десетици демонстранти, од кои некои носеа палестински знамиња, извикуваа „Амстердам вели не за геноцидот“ и „Слобода за Палестина“, но полицијата во опрема за растурање демонстрации ги опколи, ги уапси и ги одведе со автомобил, пренесува Ројтерс.
За време на денешната акција во Амстердам, полицијата ги искористи проширените овластувања што и беа доделени и спроведе вонредни мерки кои се во сила до четврток, јавува Ројтерс.
„Ние велиме: Слобода за Палестина. Престанете да убивате невини луѓе. Престанете да убивате деца“,
рече демонстрантот Макс ван ден Берг (32), повикувајќи ја Холандија да ја прекине поддршката за Израел.
Забраната за протести, која властите ја продолжија до утре, е на сила од петокот и доаѓа по нападите врз израелските фудбалски навивачи минатата недела, по фудбалскиот натпревар меѓу Макаби Тел Авив и Ајакс Амстердам, во кој беа повредени најмалку пет лица.
Холандската полиција уапси неколку лица по немирите во Амстердам во понеделникот, во кои беше запален трамвај и беа каменувани неколку возила, а како што е најавено, се очекуваат нови апсења врз основа на видео снимката која моментално ја проучува полицијата.
Немири избувнаа во понеделникот попладне во областа Нив-Вест кога десетици вооружени мажи прво фрлаа камења врз автомобилите и возилата на јавниот превоз, а потоа со петарди запалија трамвај, објави претходно НЛ тајмс.