Националните библиотеки на Македонија и Бугарија разменуваат искуства за соработка и развој на културната размена

На средбата помеѓу Националната и Универзитетската библиотека на Република Македонија (НУБ) и Националната библиотека на Република Бугарија „Св. св. Кирил и Методиј“, беа разменети искуства, практики и решенија за надминување на тековните предизвици во различни области. Главни теми на разговор беа конзервацијата и реставрацијата на библиотечните фондови, дигитализацијата, обработката на материјалите, складирањето, услуги за корисниците, како и меѓународната соработка и размената на знаење.

Како амбасадори на културата на двата народа, Националните библиотеки на Македонија и Бугарија продолжуваат да претставуваат мост за соработка, споделување на ресурси и развој на позитивни односи помеѓу двете земји. Библиотеките најавија и заеднички проекти кои ќе ја поттикнат соработката во блиска иднина, како и продолжување на успешната размена.

Во рамките на настанот, НУБ ја постави изложбата „Промоција на културното наследство на иновативен начин“, која привлече бројни позитивни реакции од присутните. На отварањето на изложбата присуствуваше и амбасадорката на Македонија во Бугарија, г-ца Агнеса Руси Поповска, која ја поздрави идејата за меѓународната соработка и значењето на градењето мостови на професионализам и разбирање меѓу двата народа.

Овој настан е пример за успешна соработка и силна поддршка на културната размена, а директорката на Националната библиотека на Бугарија, проф. д-р Красимира Александрова, заедно со целиот колектив, доби благодарност за иницијативата, гостопримливоста и срдечноста при организирањето на овој настан.

Соработката меѓу двете библиотеки продолжува и понатаму!

- Реклама -