Црвен метео аларм во делови од Шпанија, обилни дождови и ниски температури повторно се закануваат

Две недели по разорните поплави во источна Шпанија, метеоролошките служби денеска ги предупредија граѓаните да бидат внимателни, бидејќи повторно се очекуваат катастрофи во форма на поројни врнежи и ниски температури, поради што е издадено црвено предупредување за областа.

Источниот и јужниот дел на Медитеранот повторно се најзагрозени, а шпанската метеоролошка агенција Аемет, која вчера издаде портокалово предупредување, денеска издаде црвено предупредување за Малага и јужниот дел на Тарагона, пишуваат шпанските медиуми.

Агенцијата предупредува на дождови и невреме кои би можеле да бидат многу силни.

Предупредувањата важат и за остатокот од регионот на Валенсија, Балеарските Острови, Мурсија и брегот на Каталонија, како и за источна Андалузија.

Дополнително, издадено е предупредување поради снег во северниот дел на Екстремадура и регионот Кастиља и Леон, каде што некои патишта се веќе затворени, а за други употребата на синџири е задолжителна, како и поради крајбрежните појави во Галиција и по целото медитеранско крајбрежје.

Поради најава за ново невреме, се преземаат мерки на претпазливост во многу области на Валенсија, а многу градови одлучија да преземат превентивни мерки и да ја прекинат наставата во неколку провинции во регионот на Валенсија, Алдаја, Малага, Гранада и други области.

- Реклама -