Ако победи на изборите, Мерц ќе му постави ултиматум на Путин

Кандидатот за германски канцелар од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц изјави дека, доколку победи на изборите, има намера да и постави ултиматум на Русија.

Тој во интервју за „Штерн“ рече дека на Владимир Путин ќе му даде 24 часа да одговори на барањето за прекин на непријателствата во Украина.

Доколку барањето не биде исполнето, Мерц планира да и достави крстосувачки ракети Таурус на Украина и да ги укине ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел за напади на руска територија.

– Ставот на Германија треба да биде дека Украина може успешно да се брани со сите можни средства, нагласи тој, додавајќи дека е отворен за дијалог со Владимир Путин.

Мерц, кој ЦДУ го предложи како кандидат во септември, претходно изрази остар став кон Русија. Во октомври, говорејќи во Бундестагот, повика на „поодлучен курс“ и го критикуваше канцеларот Олаф Шолц, кого го обвини дека ја принудил Украина да се бори „со едната рака зад грб“ поради неподготвеноста на Берлин да му предаде ракети Таурус на Киев.

Шолц на 7 ноември го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер и најави гласање за доверба на владата во јануари за да овозможи предвремени избори во март.

Германија сега е управувана од малцинска влада на Социјалдемократската партија и Зелените, на кои ќе им треба одобрение од Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ) за да усвојат какви било закони пред изборите.

- Реклама -