Калас: Не можеме да прифатиме Кина, Русија, Иран и Северна Кореја да произведуваат повеќе муниција од нас

Кандидатката за висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, денеска на сослушувањето пред пратениците во Европскиот парламент изјави дека се потребни јасни резултати во следните пет години кога станува збор за проширувањето на ЕУ и таа рече дека тесно ќе соработува со комесарот за проширување за да се постигне таа цел.

Во своето воведно обраќање, за време на сослушувањето пред Комисијата за надворешни работи на ЕП, Калас рече дека проблемите на соседите на ЕУ денес се проблеми на ЕУ утре.

„За повеќето од нашите соседи, Европската унија има силна привлечна моќ, од Западен Балкан до Украина“, посочи Калас.

„ЕУ за мене е пред се слобода“, истакна таа во воведниот говор.

Калас додаде дека следните пет години нема да бидат лесни и ги истакна војните во Украина и на Блискиот Исток, подемот на авторитарни режими ширум светот, како и обидите на Русија, Кина, Северна Кореја и Иран да го променат меѓународниот поредок.

Прочитајте и:  Калас: ЕУ мора да ја поддржи Украина колку што е потребно

„Мора да бидеме свесни за заканите и соодветно да одговориме“.

„Победата на Украина е многу важна за нас, ЕУ е обединета во повикот за итен прекин на огнот на Блискиот исток и за безусловно ослободување на сите (што ги држи Хамас) заложници, за решение со две држави.

Според неа, во однос на Кина, неопходно е да се надмине трговскиот дисбаланс и да се работи со Пекинг за намалување на помошта за Москва во војната во Украина.

„Не можеме да прифатиме Кина, Русија, Иран и Северна Кореја да произведуваат повеќе муниција од нас, инсистира Калас и повика на зголемување на можностите на европскиот воено индустриски комплекс.

ЕУ и САД се посилни и имаат поголема безбедност кога работат заедно, додаде кандидатката.

- Реклама -