Не може да ја сакате својата земја само кога победувате, порача Бајден и вети мирно предавање на власта

Волјата на народот, рече актуелниот претседател на САД, мора секогаш да преовладува

Џо Бајден, американскиот претседател кој наскоро ќе ја напушти оваа функција, вчера првпат ѝ се обрати на нацијата по изборите во втроникот на кои Америка го избра својот нов лидер – Доналд Трамп.

„Не можете да ја сакате својата земја само кога ќе победите. Не можете да го сакате ближниот само кога се согласувате со него. Нешто што можеме да се надеваме дека ќе го направиме, без разлика за кого гласаме, е да се гледаме не како противници, туку како сограѓани“,

рече тој во своето прво појавување пред јавноста по победата на Доналд Трамп над Камала Харис.

Американскиот претседател Џо Бајден во своето прво обраќање до нацијата по победата на Доналд Трамп на изборите / Фото: EPA-EFE/GRAEME SLOAN

Волјата на народот, додаде Бајден, мора секогаш да преовладува.

„Се надевам дека можеме да го решиме прашањето за интегритетот на американскиот изборен систем. Тој е фер и транспарентен. Може да му се верува – да се победи или да се изгуби“,

изјави американскиот претседател.

Обраќајќи ѝ се на нацијата, Бајден порача оти поразот не значи дека се поразени.

Рече дека разговарал со Трамп, му ја честитал победата и го уверил дека својата администрација ќе ја насочи на мирно и уредно предавање на власта, бидејќи „тоа е она што луѓето го заслужуваат“.

Тој ѝ честиташе на Камала Харис за нејзината претседателска кампања, нарекувајќи на инспиративна и историска и додаде дека треба да биде горда со својата работа.

Периодот во кој беше претседател го нарече историски, а економијата што ја остава зад себе најсилна во светот.

„Мораме да ја задржиме вербата. Господ да ве благослови сите вас и Америка“,

рече Бајден на крајот на својот говор.

- Реклама -