Во врска со најавите на Владата за дополнителни задолжувања, гувернерката напомена дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг
Народната банка нема детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Според Ангеловска-Бежоска, Народната банка воопшто не била вклучена во овој процес и затоа неможе да даде подетални информации.
„Не сме вклучени во овој процес. Не ги знаеме деталите од разговорите. Кога ќе имаме подетални сознанија за разговорите и договорот меѓу банките и Владата, тогаш ќе можеме да излеземе со наш став“,
рече денеска Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања, откако ги презентираше есенските макроекономски проекции.
Во врска со најавите на Владата за дополнителни задолжувања, гувернерката напомена дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг.
Во оваа насока таа ги повтори препораките на меѓународните финансиски институции за постепена фискална консолидација, постепена монетарна акомодација во линија со фискалната консолидација и интензивирање на структурните реформи.
„При нашите проекции ја земаме предвид најновата фискална стратегија која беше неодамна донесена и која предвидува патека на фискална консолидација, односно од буџетски дефицит 4,9 проценти оваа година, негово постепено намалување и сведување на околу три отсто во 2027 година. Нема дилема дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг“,
рече Ангеловска-Бежоска.
Заемот од 500 милиони евра од Унгарската експорт-импорт банка легна на девизната сметка на Министерството за финасии, откако министерката за финансии го потпиша договорот.
Станува збор за кредит од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие ќе влезат како средства во буџетот, од каде 250 милиони евра ќе бидат насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки ќе ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра се наменет за инфраструктурни проекти, осносно за финансирање на проектите на општините.