1. „Крошна“ – Фестивал на приказни
1-3 ноември | КСП Центар-Јадро
Од 1 до 3 ноември, во рамките на фестивалот „Крошна“ се одржаа четири различни настани, кои ги истражуваа приказните, нивното значење и влијание врз општеството и културата.
- На 1 ноември, во 17:00 часот, беше отворена самостојната изложба на илустраторката Наталија Лукомска, додека од 18:00 часот, шпанскиот дизајнер Хуанхо Олер одржа предавање на тема „Игриви градови“, кое ќе се фокусира на создавање содржини за деца во јавните простори.
- На 2 ноември, со почеток во 18:00 часот, се одржа трибина со наслов „Каде се вкрстуваат нашите патишта“. Трибината ја модерираше Ника Гавровска, а учесници беа познати фигури од светот на литературата и уметноста како Марија Папајани, Марчин Шчигелски, Хуанхо Олер и Бреда Вукмир Подбрежник.
- На 3 ноември, од 12:00 часот, Хуанхо Олер се одржа детска работилница за изработка на тродимензионални книги, каде младите имаа можност да научат нови вештини во создавањето на уметнички книги.
2. „The Ripple Effect“ – Театарски и танцов перформанс 4 ноември | 19:00 часот
„The Ripple Effect“ е театарски и танцов перформанс кој се создаде како резултат на соработка помеѓу Балетската школа Bullfrogs и Универзитетот во Мичиген, со поддршка од Амбасадата на САД во Северна Македонија. Преставата се занимава со важни општествени теми како загадувањето, квалитетот на воздухот и нивните здравствени последици.
Со помош на монолози, движења и танц, оваа претстава ги разгледа проблемите на животната средина и поттикна на размислување за влијанието на нашите постапки врз планетата и едни на други. Перформансот има за цел да инспирира и предизвика дебата околу современите еколошки предизвици.
3. „Облици на идентитет“ – Изложба на Сузана Арсова и Емилија Дамјановиќ 5 ноември | 20:00 часот
Вчера се отвори изложбата „Облици на идентитет“ која ги истражува женската личност, модата и емоционалниот свет низ рачно изработени колажи. Изложбата ги претставува интимните „автопортрети“ на авторите, кои се испреплетени со приказни и емоции кои ги изразуваат преку различни визуелни форми. Во фокусот на изложбата се менливите облици на идентитетот, и сликите кои ја одразуваат сложеноста на женскиот емоционален и визуелен свет.
Сузана Арсова, која дипломирала математика и развила уникатен сликарски стил преку комбинирани техники на колаж, ги презентира своите најнови дела, а Емилија Дамјановиќ, музички педагог и моден дизајнер, ги изложува своите колажни уметнички проекти и современи дизајни на накит.
4. Промоција на книгата „Доколку постои приказната: Обид за децентрализација на знаењето“ 6 ноември | 19:00 часот
Денес, на 6 ноември, во КСП Центар-Јадро ќе се одржи промоцијата на книгата „Доколку постои приказната: Обид за децентрализација на знаењето“. Оваа публикација е резултат на соработката помеѓу уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска и уредничката Дијана Маринку. Книгата се базира на истоимената изложба и истражува теми поврзани со современата уметност и нејзината улога како алатка за знаење. Публикацијата вклучува текстови од значајни теоретичари и уметници како Андрес Кројгер и Марија Оросан-Телеа, и е поддржана од Фондацијата Art Encounters и Проектниот центар на општина Темишвар.
5. Монодрама „Сите најубави нешта” со Игор Ангелов
Оригиналниот наслов на монодрамата е „Every Brilliant Thing“ , а приказната е за менталното здравје, за децата соочени со тешките животни моменти низ кои минуваат родителите, за механизмите на справување кои ги развиваме низ животот и за случките кои оставаат белези на растењето и на животот како возрасни.
Mонодрамата „Сите најубави нешта” работена според мотиви на Данкан МекМилан, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на популарниот македонски актер Игор Ангелов закажана е на 7, 11 и 23 ноември во Центар – Јадро.
Заснована на вистинити и невистинити случки, оваа монодрама потенцира колку е важно да остане надежта во фокусот и колку најмалите нешта на животниот список се причина за радување.
„Се работи за посебно интимно театарско искуство во кое публиката добива задачи и е активно вклучена од моментот на влегување во просторот за изведба. За време на „Сите најубави нешта” гледачите се смеат и плачат, непријатно им е и се збунети, се радуваат и препознаваат и се поттикнати да размислуваат за значењето на среќата и животот. Од претставата излегувате со чувство на благодарност и олеснување. Вистинска катарза“, вели Игор Ангелов.
Претставата доби прва награда од публика на 25. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама што се одржа 21-25 мај 2024 во Битола.
Картите се достапни на следниов ЛИНК.
6. „Хаос“ – концептуалното дело на 9.11 со почеток од 19 часот
Почитувани, Ве покануваме на отворање на концептуалното дело „ХАОС во авторство на мултимедијалниот уметник Методи Ангелов – Мето, во просториите на КСП Центар Јадро – Скопје, на 9 ноември 2024 г. (сабота), со почеток во 19 часот.
„Концептуалното дело „ХАОС“ работи со идејата и искуството за хаосот како универзално и лично живеено противречно. Мултимедијалното разбирање на хаосот не цели кон наоѓање решенија за негово надминување. Напротив, постојаното движење, судирање, повторување и преклопување на звуци, симболи и знаци предизвикува сомнеж кај гледачите во вредноста на заокружените, „финални“ нешта; како што се победата, поседувањето, поврзувањето и револуцијата. Во оваа просторно и аудиовизуелно ограничена претстава на хаосот, достигнувањето на едната и единствена цел е повеќекратно суспендирано, потсетувајќи нè дека од хаосот не можеме да избегаме и да се ослободиме. Чувствуваме дека тоа не е нешто што можеме да го надминеме, ниту целосно да го затвориме. Делото како настан низ кој минуваме, нè поттикнува на рефлексија за мерилата на сопствениот и колективниот напредок. Ќе излеземе ли некогаш од повторуваните дефиниции на успехот? – се прашуваме. Што сè се бара од нас за да демонстрираме некакво унапредување или придвижување, стагнација и уназадување? Симулациите на хаосот почнуваат да делуваат како преслики на нашите рутини и емоционални состојби, за кои мислиме дека се привремени и сакаме да ги надминеме или подобриме. Хаосот наеднаш ни изгледа дека има динамична потенција; тоа е невидлива енергија која зазема различни облици и продолжува да се реализира дури и кога е во вакуум. Не можеме да го избегнеме хаосот, врзан и неврзан за нашето живеење, апсолутно присутен во секоја нашата интеракција, грижа за другиот, и – разбирање. Хаосот во оваа смисла, тука и сега не е приказ на нарушеност на можностите, туку на посакувана непредвидливост и случајност, и суштинска состојба за излез од нормите, за креативност и промена. Низ овој проект, хаосот престанува да биде нешто што треба да се надмине, и станува сила што вреди да се прифати и разбере.“
— пишува Мања Величковска
Методи Ангелов – Мето (р. 1977) е истакнат мултимедијален уметник со над две декади искуство, познат по своите иновативни уметнички проекти, интервенции и процеси кои ја истражуваат врската помеѓу уметноста и технологијата. Со повеќе од 20 самостојни и 20 групни изложби, неговото творештво опфаќа концептуални и интерактивни дела кои ги одразуваат актуелните глобални теми и релации во современата уметност. Покрај формалното образование во сликарството и трансмедиумски практики, Ангелов постојано го надградува своето знаење и со својот авангарден пристап ги поместува границите на возможното во уметноста. Неговите дела се резултат на кумулативен процес на идеи кои се справуваат со предизвиците во современата уметност и се сведоштво за неговото посветено истражување на нови облици на визуелно изразување. Значајна карактеристика на неговата работа е способноста да ја ангажира публиката во интеракција со уметничкото дело, одговорно ангажирајќи ја и воведувајќи ја публиката да биде дел од уметничкиот процес и создавањето на повеќедимензионално искуство кое комбинира различни техники и стилови. Со комбинација на различни техники и стилови, Ангелов создава динамични и повеќедимензионални уметнички искуства, кои поврзуваат и интегрираат различни елементи во една целина.
7. „Панталоните” – премиера на краток уметнички филм на Крсто Глигорјадис12 ноември (вторник) во 20:00 часот
„Кога ќе направиме чекор назад и започнеме сами да ги переме своите панталони, преземајќи одговорност за сопствените постапки, можеме да кажеме дека се раѓа човекот без црвени граници кој му е потребен на овој систем.“
Во овој филм, Крсто Глигорјадис ги истражува прашањата на машкоста преку „breeching“ церемонијата, моментот кога за прв пат се облекуваат момчиња во панталони како симбол на влегување во зрелоста и машкоста. Што значи да се облечат панталони за првпат? Кој ја предава машкоста? Колку долго трае? Дали постои криза на машкоста денес? Дали чувствуваме срам или страв да бидеме мажи?
Ве покануваме да го погледнете филмот „Панталоните“ на 12 ноември 2024 година, во КСП Јадро, со почеток во 20:00 часот.
Автор и изведувач: Крсто Глигорјадис
Ко-автор и директор на фотографија: Стефан Божаров
Дизајн на звук: Ѓорѓи Трпковски
Дизајн на костимографија: Магдалена Таневска
8. „BOX OFFICE POISON“ – Изложба на Јованчо Јосифовски
NEVER NORTH, NEVER FAIR: THE PRESPA DISAGREEMENT – промоција на публикација
14 ноември (четврток) во 19:00 часот
BOX OFFICE POISON е изложба инспирирана од негативниот третман на филмската индустрија врз жените кои достигнуваат одредена возраст, трансфер од грандиозен успех и слава во поле на неуспешни филмови кои не генерираат пари за кината и зачетокот на приватните проблеми кои го засенуваат трудот е есенцијата на box office poison-от. Изложба инспирирана од нарцисоидноста и очајните обиди на филмските диви да останат млади и релевантни кога станува невозможно, од агонијата која трае доволно долго за да влезе во рамките на пародијата во почетоткот на 80тите во дрег културата која прави експанзија и го носи феноменот во поп културата. Инспирирано од турбулентниот приватен живот на најпознатите актерки од златната ера на Холивуд, од нивните измислени третмани за убавина кои во изложбата ќе добијат свој простор и омаж во форма на инсталација. Покрај инсталацијата за изложбата се предвидени и видео проекции кои ќе содржат нов материјал кој ќе содржи критика, реплики и слични визуализации инспирирани од најкарактеристичните филмови од истиот период.
NEVER NORTH, NEVER FAIR: THE PRESPA DISAGREEMENT е публикација која ги истражува истите теми како и изложбата, но со комплетно поинаков визуелен израз. За разлика од прочистениот и минималистички пристап во BOX OFFICE POSION тука имаме материјал кој доминантно содржи фотографии со максималистични композиции и различен текстуален момент.
9. Moving inside out – работилница за танц со Криста ДеНио и Искра Шукарова од 15 до 21 ноември
Moving inside out – танцов перформанс и дисусија, 20.11 во 18:00
Во периодот од 15 до 17 ноември во КСП Центар-Јадро во Скопје, Криста ДеНио и Искра Шукарова ќе одржат работилница за членови на заедницата, студенти и професионалци од областа на танцот, театарот и други дисциплини во земјава. Работилницата ќе истражува интердисциплинарни пристапи во создавањето на site-specific перформанси, користејќи методологии од танцот и театарот.
Работилницата ќе вклучува движење и гласовен тренинг базиран на соматски практики, контакт импровизација и техники од Action Theater, а ќе заврши со кратки перформанси креирани од учесниците.
ДеНио ќе се базира на својот NETWORK проект инспириран од еколошките системи на комуникација кај дрвјата, додека Шукарова ќе ги сподели своите истражувања за невербална комуникација како рамка за уметничко изразување.
Искра Шукарова како уметник се интересира за врската помеѓу телото и гласот, како и за пронаоѓање на конекции со природата и животните. Таа истражува и нови начини на поврзување со публиката како дел од перформативниот процес, со посебен фокус на интердисциплинарните пристапи.
Криста ДеНио работи со движење, звук и наративно раскажување, креирајќи интерактивни и партиципативни искуства. Нејзините изведби вклучуваат и скриптирана и кореографирана работа како и импровизациски интеракции, со цел создавање на нови видови на искуства.
Перформансот/презентацијата MOVING INSIDE OUT ќе биде изведена од Криста ДеНио (САД) и Искра Шукарова (Северна Македонија) во КСП Центар-Јадро во Скопје на 20 ноември во 18 часот, како дел од Меѓународниот театарски фестивал, МОТ ФЕСТИВАЛ.
Искра Шукарова како уметник е заинтересирана за односот меѓу телото и гласот, како и за наоѓање врски со природата и животните. Таа истражува нови начини на поврзување со публиката како дел од перформативниот процес. Шукарова е посебно привлечена од интердисциплинарните пристапи, каде што може да истражува медиуми кои се вкрстуваат како дел од процесот на истражување кој го споделува со заедницата, професионалците, како и со своите студенти.
Криста ДеНио работи со движење, звук и раскажување приказни. Низ перформансот таа ги истражува креативните и партиципативни искуства. Истражувачките и перформативните процеси ги вклучуваат просторите каде што се одвиваат сценарио и кореографија, како и импровизациски интеракции. Таа е заинтересирана за тоа како интердисциплинарната размена може да создаде нови видови искуства, наместо реплицирање на предвидливи перформанси.
Во перформансот MOVING INSIDE OUT, Криста и Искра заедно ќе го презентираат резултатот од нивното истражување во Скопје, овозможено преку резиденцијата поддржана од програмата Global Practice Sharing [GPS] на Movement Research, Меѓународниот интердисциплинарен уметнички конзорциум, КСП Центар-Јадро и Фестивалот за млад и отворен театар – МОТ Фестивал во Скопје.
По перформансот/презентацијата ќе следи разговор со публиката, каде што ќе се разгледуваат теми поврзани со интердисциплинарните пристапи кои произлегуваат од телото како медиум за интерактивна размена.
10. „Приказни од Стровија”, Завршна изложба на Мултикултурниот фестивал во село 22.11 -20 часот
Ве покануваме на завршната изложба од второто издание на Мултикултурниот фестивал во село Стровија, настан кој во септември 2024 обедини над 100 млади уметници во заедничка креативна продукција. Изложбата претставува кураторски дијалог помеѓу три различни уметнички изрази: колаж-скулптура од епоксидна смола создадена од лични предмети на учесниците, серија концептуални фотографии направени од Андреј Богатиноски и инспирирани од театарскиот перформанс „Случајот јаболко“ во режија на Борис Василески, продукција на театарската трупа “Штрих“, и публикација која го содржи драмскиот текст на перформансот, напишан од Марио Стојаноски и надополнет со фотографии.
По изложбениот дел, следува отворена дискусија за децентрализацијата на културата во Македонија, надоврзувајќи се на искуствата од фестивалот како успешен пример за културна продукција надвор од главниот град.
Оваа изложба не е само документација на еден културен настан, туку и активен повик за преиспитување на можностите за поширока културна продукција во рурални средини.
Настанот е финанскиски поддржан од “Youth’s Cultural Fund” програмата на RYCO.
11. Работилница за актери под водство на Лучила Трапацо
27.11. (среда) I 17:00-20:30
28.11 (четврток) I 17:00-20:30
29.11 (петок) I 17:00-20:30
30.11 (сабота) I 17:00-20:30
Работилницата, водена од Лучила Трапацо, има за цел да им помогне на учесниците да се поврзат со нивниот скриен гласовен потенцијал и креативното јас. Преку водени психофизички визуелизации, игри, сензорни и емоционални вежби и гласовна и физичка импровизација, учесниците ќе научат да го слушнат сопствениот внатрешен глас.
Работилницата има за цел:
- Да се зголеми свесноста и да се истражи физичката свест кај учесниците;
- Да се надминат менталните и физичките блокади и да се развие слободна емоционална врска тело-глас.
Сесиите ќе се фокусираат на основните алатки со кои се гради експресивниот глас, како што се техниките на дишење и гестуарлна интерпретација на внатрешите звучни пејзажи. Едноставните вежби за истегнување ќе ја ослободат тензијата во лицето, грлото, стомачната област, рамената и долниот дел на грбот. Игривото истражување на просторот, телото и резонантните центри ги прават овие сесии креативни и ослободувачки, додека вашата вокална експресивност ќе се прошири.
Лучила Трапацо
Родена во Касино во 1964 година. Живее меѓу Цирих и Њујорк. Студирала германска книжевност во Италија на Универзитетот „Ла Сапиенца“; подоцна стекнала магистратура во филм и видео на „Американскиот универзитет“ во Вашингтон, каде еден од нејзините кратки филмови добил награда. Студирала театар на „Ферсен Академијата“ во Рим, со Елизабет Кемп (Actor’s Studio) и со Џонатан Фокс (Playback Theatre), а уметност со Барбара Роуз.
Нејзините активности опфаќаат поезија (добитник на различни награди, публикации во меѓународни антологии и уметнички книги, како и настапи на фестивали), театар (предавање на работилници, режија, актерство), видео-инсталации и литературни критики. Во нејзините дела тежнее кон синтеза на различните уметнички јазици. Нејзините дела се прикажани на повеќе меѓународни изложби и фестивали. Со години работи со три културни здруженија во Италија (TiconZero, Каљари, експериментална електроакустика и дополнителни јазици; ARS Cultural Movement, Рим, визуелна уметност; Tracce nel vento, Палермо, литература и издаваштво).
12. Работилница за костимографија со Марија Папучевска
8.11 (петок) I 17:30 – 20:00
12.11 (вторник) I 16:30 – 19:00
Во рамки на годишната програма, КСП Центар- Јадро организира работилница за сценска костимографија во текот на октомври и ноември 2024г. под менторство на костимографката Марија Папучевска.
Костимографијата е уметничка дисциплина во применетата уметност која има за цел уметнички да обликува дел од сценскиот простор чиј интегрален дел се и костумите. Во исто време една од главните цели на костимографијата е да прикаже одредени расположенија преку форма, боја и карактер, со цел да се претстави амбиент, феномен или состојба, а преку тоа и да го прошири значењето на претставата.
Оваа работилница има за цел да овозможи сеопфатен вовед во светот на сценските костуми поврзувајќи го историското значење и искуство со практични вештини и креативно дизајнерско размислување.
Марија Папучевска, костимографка, дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, на одделот за текстил и текстилно инженерство со дизајн. Магистрирала на Нов Бугарски универзитет – специјалност: сценски дизајн и медиум. Од 2000 година работи во Националната oпера и балет како раководител на секторот за костимирање.
Авторка е на костимографии за 100 драмски, 25 оперски, 10 балетски проекти како и за филмот „МИРУШ“ (КАЗАБЛАНКА) – на режисерот Мариус Холст. Како сценограф потписник е на два драмски проекти „Елка кај Иванови“ и „Излез“.
КСП Центар-Јадро продолжува да биде место на инспирација и креативност, нудејќи разновидни настани кои покриваат широк спектар на уметнички форми. Овие настани претставуваат можност за сите љубители на културата и уметноста да се вклучат и учествуваат во значајни и актуелни теми, и да се запознаат со нови уметнички трендови и идеи.
Програма за ноември во КСП Центар-Јадро е достапна на веб страницата на Центарот, а влезот на сите настани е слободен за посетителите.