(ВИДЕО) Протест во Нови Сад поради смртта на 14 лица при уривањето на натстрешницата на железничката станица: „Виновни сте, ќе одговарате“

Насобраните бараат утврдување на кривична и политичка одговорност за несреќата и оставка од српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ

Неколку илјади луѓе, денеска нешто по 18 часот, започнаа протестна прошетка низ централните улици на Нови Сад кон Градското собрание, барајќи одговорност од властите за смртта на 14 лица во уривањето на натстрешницата на железничката станица во тој град.

На чело на колоната дел од протестантите држеа голем транспарент на кој пишува „Виновни сте, ќе одговарате“, јавува Радио Слободна Европа на српски јазик. Во првите редови се и фотографиите од загинатите во несреќата, меѓу кои има и деца.

Протестот на кој повикаа парламентарните опозициски партии и здруженија на граѓани, започна со едноминутно молчење за настраданите во близина на местото каде што се случи несреќата.

Насобраните бараат утврдување на кривична и политичка одговорност за несреќата и оставка од српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

„Ова не мораше да се случи, ниту смееше да се случи и не е првпат. Милош Вучевиќ, Милан Ѓуриќ, Александар Вучиќ – виновни сте“,

им порача актерката Весна Пеќинар на насобраните на почетокот на протестот.

Толпата скандира „Оставка“ и „Уапсете ја бандата“.

На протестот се приклучи едно од најголемите и најстарите новосадски такси-здруженија, чии возила беа придружени со аплаузи и извици „браво“.

Во пресрет на собирот во Нови Сад беа распоредени силни полициски сили.

Студентите уште пред почетокот на протестот оставиле црвени отпечатоци пред Кривичниот суд во Нови Сад и поставиле транспарент напишан со црвена боја „На робија, не оставка, бандо“, како и „И чевлите и рацете ви се крвави“. 

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека ќе поднесе оставка по падот на натстрешницата на Железничката станица.

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, изјави дека ќе ја прифати оставката на Весиќ. Тој рече дека нема сомневање оти Весиќ субјективно не е виновен за уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, но дека, сепак, е објективно одговорен, бидејќи е министер за градежништво, транспорт и инфраструктура.

Тројцата повредени во несреќата сè уште се во многу тешка состојба.

- Реклама -