Засега посочи дека нема да ги открие нивните имиња, но додаде дека во ГОБ „8-ми Септември“ ќе се врати инфектолог, а и на Клиниките за неврологија и неврохирургија ќе има вакви новини
Хирурзи и специјалисти што со години работат во приватни болници се враќаат во јавното здравство, а дел од нив веќе потпишаа финансиски согласности во Фондот за здрваствено осигурување. Ова денеска го изјави министерот за здравство Арбен Таравари во рамките на платформата „100 % посветени на тебе“ на тема за социјала и здравство, посочувајќи дека овие лекари во минатото ги напуштиле клиниките за подобри услови во приватниот сектор, а сега добиваат можност да се вратат каде што почнале.
„Ова не радува многу. Се надевам дека и тие гледаат некаква надеж во јавното здравство. Со ова се овозможува доколку на клиниките има потреба од специјалисти од различни области, фармацевти или стоматолози да се транферираат од приватното во јавното здравство“,
вели тој.
Засега посочи дека нема да ги открие нивните имиња, но додаде дека во ГОБ „8-ми Септември“ ќе се врати инфектолог, а и на Клиниките за неврологија и неврохирургија ќе има вакви новини.
„Ова е во моментот што се сеќавам, но се работи за околу десетина колеги. Тие треба да добијат согласност, односно потпис од болниците каде сега работат, а тоа се во главно поголемите приватни болници во државата“,
рече министерот.
Ваквата новина Таравари ја најави во август годинава, кога соопшти дека доктори од приватното здравство покажуваат интерес да се вратат во јавните здравствени установи.
Во јули 2019 година, Собранието усвои измени на Законот за здравствена заштита, со што е избришана временската рамка за преземање здравствени работници од приватните во јавните здравствени установи.