Санду обезбеди околу 55,41 отсто од гласовите, наспроти нејзиниот ривал кој освои 44,59 отсто од гласовите, покажуваат податоците на веб-страницата на Централната изборна комисија на Молдавија
Прозападната претседателка на Молдавија Маја Санду, победи во вториот круг од претседателските избори пред Александар Стојаногло, откако беа преброени 99,86 отсто од гласовите, покажуваат податоците на веб-страницата на Централната изборна комисија.
Според податоците, Санду обезбеди околу 55,41 отсто од гласовите, наспроти нејзиниот ривал кој освои 44,59 отсто од гласовите.
„Молдавија, денес вие сте победници. Заедно, ја покажавме силата на нашето единство, демократија и посветеност на достоинствена иднина. Ви благодарам, драги Молдавци, дома и во странство. Чекорете со гордост – вие сте слобода, надеж и издржливост. Горда сум што ви служам на сите вас“,
напиша Санду на Икс доцна синоќа.
Последни се пребројуваа гласовите на дијаспората, која вклучува Молдавци кои живеат во западните метрополи и кои гласаа за Санду во првиот круг од изборите на 20 октомври.
Излезноста на гласачите во земјата, растргната меѓу Европската унија и Русија, беше поголема отколку во првиот круг на 20 октомври, и гласаа повеќе од 54 отсто од избирачите.
Илјадници Молдавци кои живеат во странство, најмногу во ЕУ, како и оние кои живеат во отцепениот регион Придњестровје, исто така, гласаа во вториот круг, пренесе ДПА.