Шпанскиот крал во посета на Валенсија по разорните поплави – го дочекаа демонстрации, граѓани фрлаа кал кон него

Насобраните почнале да фрлаат кал кон кралот Фелипе Шести и неговата сопруга, но и кон премиерот Педро Санчез, кој бил во нивна придружба. Кралската двојка се обидела да разговара со граѓаните и сакала да ја продолжи посетата, но набрзо била опкружена од обезбедувањето кое ги спречило граѓаните да им се приближуваат дополнително

Шпанскиот крал Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција, се соочиле со гневни демонстрации при посетата на Валенсија – регионот што неодамна беше погоден од разорни поплави.

Кралот Фелипе Шести за време на посетата на Валенсија / Фото: EPA-EFE/Ana Escobar

Насобраните почнале да фрлаат кал и да ја навредуваат кралската двојка, но и премиерот Педро Санчез, кој бил во нивна придружба. Скандирајќи „убијци“ и „оставка“, демонстрантите барале одговори зошто ништо не е преземено за да се избегне трагедијата во која загинаа повеќе од 200 лица.

Кралската двојка се обидела да разговара со граѓаните и сакала да ја продолжи посетата, но набрзо била опкружена од обезбедувањето кое ги спречило граѓаните да им се приближуваат дополнително.

Сопругата на кралот Фелипе Шести, кралицата Летиција, за време на посетата на Валенсија / Фото: EPA-EFE/Ana Escobar

И покрај тоа, кралот Фелипе им пришол на граѓаните и разговарал со дел од нив, но набрзо тој и неговата сопруга ја завршиле својата посета, а до возилото биле придружувани од обезбедување.

Успешно евакуиран од местото бил и премиерот Санчез.

Според последниот биланс, бројот на жртвите во поплавите што го зафатија југоисточниот дел на Шпанија по обилните врнежи се искачи на 217. На речиси целиот исток на Шпанија е прогласен жолт и портокалов метеоаларм поради најавите за нови врнежи од дожд. Црвено предупредување е издадено во провинцијата Алмерија. Покрај тоа, во делови од Валенсија е воведен режим на ограничено движење поради новите врнежи.

- Реклама -