По повод одбележување на јубилејот, во НУ Народен Театар Битола, на 7 ноември, четврток, ќе гостува МНТ-Скопје со претставата ,,БЕЛИ НОЌИ” во режија на Звездана Ангеловска.
Во претставата играат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски.
,,Идејата за создавањето на претставата „Бели ноќи“ е поттикната од потребата да се создаде камерна театарска сценска верзија според истоимениот сентиментален роман на Ф. М. Достоевски, каде што главните ликови Сонувачот и Настењка, тука се архетипови на две уметнички души сонувачи” вели режисерката.
Заробени со своите биографии во реалните животи, како што обично тоа се нарекува и судбинско определување на текот на настаните, тие двајцата, се сретнуваат, во текот на неколку вечери, додека траат белите ноќи во Петербург. Во текот на тие средби, Сонувачот, кој е и вистински уметник и на кого светот на музиката е неговата лулка и неговата најголема слобода, го отвора прашањето за, сонување, на животот, онаков каков што би требало да биде, според него. Тој го поттикнува нивното, заедничко сонување, со Настењка, која заради многубројните, забрани, низ животот, таа, пак, најслободно се чувствува додека танцува, особено што има 18 години. Тие двајцата, се доверуваат и се препуштаат на сонувањето, во текот на тие средби, без разлика што околностите се заплеткани, особено кога станува збор за љубовта или за идеалната љубов.
Од друга страна, самиот автор Достоевски го наметнува прашањето: дали секој човек може да ги следи своите соништа и дали самите си ја даваме таа слобода и го правиме тој избор за да бидеме слободни и автентични? Или се препуштаме на волјата на општествените норми, стереотипи, морални кодекси и граѓански расудувања, каде што сопствените соништа си ги уништуваме, па дури и љубовта си ја продаваме, или стануваме нејзини предавници, за само да бидеме на местото на општоприфатените социјални, морални, граѓански, па и културолошки норми?
Дали со тоа несвесно, но сепак неуморно се искачуваме до врвовите на материјалните светови, но по духовноста и слободата остануваме просечни и набрзо остарени, уште во својата младост, следејќи го патот на себенепризнавањето, и неприфаќањето, на сопственото јас?
И според делото на Достоевски, а и според претставата, се потсетуваме дека изгледа малкумина ја имаат храброста, но и можноста, да го следат својот сон, идеалот, без разлика каков е, така што улогата на Сонувачот или, анонимниот уметник, во претставата е само пример за тоа, (дури и кога е непризнаен, а може и да е само обична уметничка душа, како што е улогата на Настењка)… дека сепак вреди да се одигра таа улога или да се отсонува тој сон, па макар и за еден миг на блаженство. Тој еден единствен миг на среќа, блаженство, секогаш ќе свети и ниедна тага, болка, прекор или гнев, не ќе може да го растопи.
Но, најчесто, уметникот, сонува Сам, па макар и тој Сон да е: да се сретне со Некого.