Според полициските информации, инспекторката условувала лице што гради за да не му издаде решение за запирање на градбата и да не го пријави во обвинителството или на суд, да и даде поткуп. Прво побарала 1 500 евра, а вчера, на 31 октомври, ја зголемила сумата на 4 000 евра
Во заедничка акција на кумановската полиција и на одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи, денеска попладне била уапсена градежна инспекторка од Општина Куманово, поради примање поткуп од четири илјади евра, соопшти МВР на својата фејсбук-страница.
Акцијата, додаваат оттаму, се извршила по наредба на Основното јавно овинителство од Куманово.
Приведената инспекторка Л.Т. пред повеќе од еден месец, на 25 септември, била пријавена во обвинителството од граѓанин што градел објект, се вели во соопштението.
Според полициските информации, Л.Т. извршила контрола на неговата градба и направила записник дека таа отстапува од одобрението за градење. Потоа го условила – за да не му издаде решение за запирање на градбата и да не го пријави во обвинителството или на суд, да и даде поткуп. Прво побарала 1 500 евра, а вчера, на 31 октомври, ја зголемила сумата на 4 000 евра.
МВР соопшти дека на граѓанинот му биле дадени т.н. технички обработени пари, и тој денеска во ресторан и ги дал на инспекторката. Откако таа ги зела, полициски службеници ја лишиле од слобода.
Од полицијата додаваат дека по целосното документирање на случајот инспекторката Л.Т. ќе биде изведена пред надлежен јавен обвинител во Куманово.