Повик и апел да се обезбеди мамограф за Гостивар-Розов Октомври во Советот на општината

Розово светло на денешната седница на Советот на Општина Гостивар, како симбол на месецот посветен на борбата против ракот на дојка. Во знак на поддршка, советниците носеа розова панделка, а од говорницата беше упатен повик и апел до министерот за здравство Арбен Таравари да се заложи Гостивар да добие мамограф.

„Денес  ја обоивме во розова боја салата и дадовме поддршка на лицата кои се борат против ракот на дојка. Иако ова е тешка болест, можно е излекување доколку се открие и третира навреме. Развиените земји се со помала смртност поради навременото откривање и скринингот. Жените во Гостивар се соочуваат со проблем, што нема мамограф, со што прекина и прегледот со ехо на дојка. Затоа реагирам, апелирам до нашиот сограѓанин министерот за здравство Арбен Таравари да се обезбеди мамограф, верувам дека за кратко време ќе го реши проблемот.“, рече советничката од ВМРО ДПМНЕ, Анета Кироска која е претседател на Комисијата за еднакви можности.
Кироска информираше дека во Програмата за 2025 се предвидени 100 ваучери за бесплатна мамографија, кои ќе важат од јануари следната година.

Извор