Во поглед на правосудството, ЕК изразува загриженост за најавите на актуелната влада за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството
И покрај обидите, досега не е постигнат напредок во донесувањето на уставните измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и се дел од другите народи, како Бугарите, како што е наведено во заклучоците на Советот на Европа од 18 јули 2022 година, на кои земјата се обврза да ги преземе.
Ова, меѓу другото, се посочува во најновиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава во 2024 година на патот кон Европската Унија (ЕУ).
Во оваа смисла, во Извештајот се нотира дека С Македонија постојано ги истакнува својата политичка посветеност и амбицијата да напредува во пристапните преговори со ЕУ, но оти треба да преземе решителни чекори за забрзана имплементација на реформите и придвижување во процесот на преговори.
„Меѓупартиската соработка е од суштинско значење за забрзано спроведување на реформите поврзани со Европската Унија, во интерес на граѓаните“,
пишува во Извештајот на Европската комисија.
Се додава дека билатерални договори со соседните земји, како Преспанскиот со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни.
Ограничен напредок, Европската комисија нотира во поглед на реформите во јавната администрација, зајакнување на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита основните права, додека во поглед на превенција и борба против корупцијата, како и заштитата на лични податоци, според ЕК, земјава не напредувала.
ЕК загрижена за најавите за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители
Во поглед на правосудството, ЕК изразува загриженост за најавите на актуелната влада за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството.
Токму јакнење на Судскиот совет преку ревидирање на законодавната рамка и негова поголема транспарентност и независност е една од препораките на Комисијата во однос на реформите во правосудството.
Дополнително, ЕК препорачува носење нов Закон за парнична постапка, во согласност со европските стандарди и имплементација на новата стратегија за реформи во судството. Комисијата укажува и дека треба да се осигура оти информацискиот систем за управување со судски случаи АКМИС е функционален и компатибилен со степенот на сложеност на судските предмети и методот за оценување судии и претседатели на судови.
Нема напредок во борбата против корупцијата
Сериозна загриженост Европската комисија изразува и за широко распространетата корупција и оценува оти земјава не постигнала напредок во превенцијата и борбата против корупцијата.
Институционалната рамка за борба против корупцијата, посочува ЕК, е задоволителна во услови за превентивни мерки, но потребно е подобрување на спроведувањето на законите. Како негативно влијание во борбата со корупцијата, особено за случаите на високо ниво, ЕК ги посочува измените на Кривичниот законик од септември минатата година, за кои оценува дека ја ослабнале правната рамка и прекинале многу од тековните предмети.
Препораките на ЕК во оваа смисла се земјава да усвои нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, да го подобри спроведувањето на националната стратегија за спречување на корупцијата, како и препораките од ГРЕКО, да обезбеди човечки и финансиски ресурси во ОЈО ГОКК, а ДКСК да ги подобри верификацијата на анкетните листови и надзорот над финансирањето на изборните кампањи.