Митингот се одржа во близина на Белата куќа каде што на 6 јануари 2021 година Трамп им се обрати на своите поддржувачи пред да го нападнат американскиот Капитол
Потпретседателката на САД и претседателска кандидатка на демократите Камала Харис го одржа својот последен говор пред изборите на 5 ноември во Елипс Парк, недалеку од Белата куќа, посочувајќи дека САД се пред избори кои ќе покажат дали ќе имаат земја во која слободата е вкоренета за секој Американец или земја во која ќе владее поделба и хаос.
Ројтерс објави дека на митингот се собрале повеќе од 75 000 луѓе. Инаку, митингот се одржа во близина на Белата куќа каде што на 6 јануари 2021 година Трамп им се обрати на своите поддржувачи пред да го нападнат американскиот Капитол.
Харис беше опкружена со американски знамиња на сцената и сино-бели транспаренти на кои пишуваше „Слобода“, а во заднина беше осветлена Белата куќа.
Во дел од говорот таа го нападна Трамп
Во дел од говорот таа го нападна претседателскиот кандидат на републиканците Доналд Трамп посочувајќи дека тој е личноста која застана на истото место пред четири години и која испрати вооружена толпа да ја урне волјата на народот на слободни и фер избори.
„Американците загинаа како резултат на тој напад. Тој е нестабилна личност опседната со одмазда, обземен од тага и гладен за неконтролирана моќ. Доналд Трамп помина една деценија обидувајќи се да го задржи американскиот народ поделен и во страв еден од друг“,
рече таа.
Харис им порача на гласачите дека ќе биде претседателка на сите Американци доколку ја изберат.
Харис посочи дека главен приоритет на американските власти пред четири години бил да се стави крај на пандемијата и да се спаси економијата, а сега најголем предизвик им е да ги намалат трошоците кои растеле и пред пандемијата, а кои се уште се превисоки.