Договорена соработка меѓу македонското и полското јавно обвинителство

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски порача дека експертската помош од Полска е драгоцена за С Македонија во смисла на усогласувањето со европските стандарди, зајакнување на системот за владеење на правото и на довербата во правосудството

Меморандум за соработка денеска во Варшава потпишаа јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, и неговиот полски колега, генералниот јавен обвинител Адам Боднар.

Јавниот обвинител на С Македонија, Љупчо Коцевски, и генералниот јавен обвинител на Полска, Адам Боднар / Фото: ЈОРСМ

Со ова, како што соопштија од Јавното обвинителство, се воспоставува поблиска соработка меѓу обвинителствата на двете држави, пред сè во областите кои вклучуваат размена на експертиза и оперативно искуство од специјализирани обвинителства, студиски и работни средби, како и заеднички програми за обука и директно споделување искуства од аспект на организација, управување со човечки ресурси и дигитални технологии.

„Иако географската раздалеченост меѓу Полска и Македонија не е мала, сепак важна е секоја размена на искуства и информации која може да ни помогне поефикасно да се справиме со сторителите на кривичните дела, особено од областа на организираниот криминал и корупцијата. Криминалот не познава граници, а сторителите на кривични дела лесно ги префрлаат своите активности од една во друга држава“,

порача републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.

Нагласи дека експертската помош од Полска е драгоцена за С Македонија во смисла на усогласувањето со европските стандарди, зајакнување на системот за владеење на правото и на довербата во правосудството.

Генералниот јавен обвинител на Полска, Адам Боднар, кој согласно полските закони истовремено е и министер за правда, изрази задоволство од потпишувањето на меморандумот за соработка.

„И во Полска проаѓаме низ период на трансформација на политичкиот систем, што носи свои предизвици. А како обвинителство сме повикани и во однос на нашата надлежност за борба против криминалот и корупцијата. За два месеца започнува и полското претседавање со ЕУ и навистина сакаме да оставиме впечаток и во таа функција, што претставува посебна одговорност за нас“,

рече Боднар, појаснувајќи дека на внатрешен план, Полска работи на проект на одвојување на Националното обвинителство од Министерството за правда со цел да овозможи поголема независност на обвинителското постапување.

- Реклама -