И портпаролката на Европската комисија, Набила Масрали, на прес-конференција во Брисел изјави дека посетата на Орбан на Грузија се одвива само во контекст на билатералните односи меѓу Унгарија и Грузија
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, денеска изјави дека унгарскиот премиер Виктор Орбан не ја претставува Унијата за време на денешната посета на Грузија.
„Што и да каже господинот Орбан за време на неговата посета на Грузија, тој не ја претставува Европската Унија. Ротирачкиот претседател на Унијата нема овластувања во надворешната политика“,
изјави Борел за шпанското јавно радио РНЕ.
И портпаролката на Европската комисија, Набила Масрали, на прес-конференција во Брисел изјави дека посетата на Орбан на Грузија се одвива само во контекст на билатералните односи меѓу Унгарија и Грузија.
Премиерот на Унгарија Виктор Орбан најави дека ќе ја посети Грузија по победата на владејачката проруска партија Грузиски сон (ГС) на парламентарните избори кои се одржаа во саботата. Орбан му честиташе на премиерот Бидзина Иванишвили за „убедливата победа“, пренесе Гардијан.
Прозападната опозициска партија Единственото национално движење (ЕНД) смета дека изборите се украдени и повика на протести.
Во изминатите три децении, граѓаните на Грузија биле генерално прозападно настроени – анкетите покажуваат дека речиси 80 отсто од нив го поддржуваат влезот во ЕУ. Но, во изминатите години, владата сè повеќе покажува проруски тенденции, одбивајќи да ја осуди Москва за нејзината инвазија на Украина, меѓу другото.