Политикологот Далиел Смилов смета дека ГЕРБ има три опции за коалицирање, од кои првата е да се обиде да направи вистинска коалиција со ПП-ДБ и уште една политичка формација, втората е да коалицира со партијата ДПС – Нов почеток на Далјан Пеевски и уште некоја партија, а третата опција е да остане техничката влада
Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов победи на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, седми одржани за последните четири години. Но, за да формира влада, ќе мора да најде коалициски партнер.
Според последните податоци од Централната изборна комисија (ЦИК), по повеќе од 98 отсто пребројани гласови, ГЕРБ има освоено 26,46 отсто гласови, коалицијата „Продолжуваме со промените – демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) има 14,38 отсто, а партијата Преродба 13,64 отсто.
Со сегашните резултати девет партии влегуваат во бугарскиот парламент.
Неколку бугарски аналитичари, како што пренесува тамошниот портал Медиапул.бг, ги анализираат последните изборни резултати, но и тоа каква влада ќе се формира во Бугарија.
Главна тема е и тоа кои се опциите на партијата ГЕРБ која освои најмногу гласови на вчерашните избори и со која политичка формација би коалицирала, што би резултирано со формирање на влада.
Политикологот Даниел Смилов смета дека ГЕРБ има три опции за коалицирање, од кои првата е да се обиде да направи вистинска коалиција со ПП-ДБ и уште една политичка формација, втората е да коалицира со партијата ДПС – Нов почеток на Далјан Пеевски и со уште некоја од партиите, а третата опција на која посочува е да остане техничката влада.
„ГЕРБ не сака да владее заедно со ПП-ДБ бидејќи ќе се наметнат услови што се неприфатливи за нив, како што се реформи на обвинителството. Прашањето е дали ГЕРБ може да ја надмине оваа граница. Од друга страна, пак, тие не сакаат да владеат без ПП-ДБ, оти се плашат од протести и од меѓународни реакции. Затоа, ги чекаат изборите во САД со надеж дека ќе се намали надворешниот притисок“,
вели тој.
Коментирајќи ја третата опција – да остане преодната влада, Смилов рече дека тоа би било несериозно, оти ГЕРБ повторно ќе победи, но нема да формира влада.
За аналитичарот Георги Харизанов, само првата опција што ја посочи Смилов би имала некаков легитимитет.
Според Андреј Раичев, позицијата на ГЕРБ ќе биде повеќе јасна откако ќе завршат изборите во САД. Смета дека доколку победи Доналд Трамп, ГЕРБ ќе се чувствува посилно и можни се секакви потези, а ако Камала Харис биде иден претседател на САД нема да имаат можност да ја заобиколат ПП-ДБ.
Социологот Парван Симеонов од агенцијата „Галуп интернешнл Балкан“ за Бугарската национална телевизија (БНТ) вели дека без коалицирање на три до четири политички партии нема да има влада.
„Ако во парламентот влезат девет партии, ГЕРБ ќе има до 60 мандати. Тоа значи дека за формирање на влада ќе бидат потребни најмалку три до четири политички формации“,
вели Симеонов.
Борјана Димитрова од агенција „Алфа рисрч“, коментирајќи ги изборните резултати, вели дека ако има повеќе антисемитски популистички партии во парламентот, како Преродба, МЕЧ, Има таков народ и Величество, ќе биде потешко да се формира влада, оти со нив никој не сака да коалицира.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, синоќа изјави оти се сигурни во победата, како и дека се обврзуваат да формираат влада.
Посочи дека е подготвен да коалицира со сите што ја поддржуваат програмата на ГЕРБ-СДС, освен со партијата Преродба, со која рече дека имаат идеолошки разлики.
Граѓаните на Бугарија вчера избираа 240 пратеници во 51. Народно собрание. Ова беа седми избори во последните четири години, а шести предвремени по редовните на 4 април 2021 години.