„Албанците добиваат голем удел од буџетот на државата. Добиваат околу 30 милиони евра само во оваа половина од годината. А тоа го добиваат општините чии градоначалници не се од коалицијата „Вреди“, туку се од ДУИ. Ако ги прашате, но без камери, ќе ви одговорат дека подобро им е кога ДУИ е во опозиција отколку кога биле на власт“, вели првиот вицепремиер
Албанците од оваа влада си го добиваат својот дел, одговори првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изер Меџити во интервју за весникот „Лајм“ на обвинувањата на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети дека актуелната власт ги понижува Албанците, барајќи од коалицијата „Вреди“ да ја напушти владата.
„Албанците добиваат голем удел од буџетот на државата. Добиваат околу 30 милиони евра само во оваа половина од годината. А тоа го добиваат општините чии градоначалници не се од коалицијата ‘Вреди‘, туку се од ДУИ. Ако ги прашате, но без камери, ќе ви одговорат дека подобро им е кога ДУИ е во опозиција отколку кога биле на власт“,
рече тој.
Ова е прв пат, според него, кога една влада не прави разлика како што беше во минатото, кога Општините Чаир и Тетово не добија ниту денар од буџетот на државата.
„Затоа не држи констатацијата на Ахмети“,
вели Меџити.
Опозициската ДУИ досега неколку пати обвинува дека по доаѓањето на новата власт стотици етнички Албанци се отпуштени од своите работни места во многу државни институции, односно дека е намалена застапеноста на Албанците од 30 на 24 проценти во администрацијата.
Постојано ги критикуваат и министрите од коалицијата „Вреди“ во владата.