Централната изборна комисија соопшти дека„Грузиски сон“ има освоено 54,08 отсто, наспроти 37,58 отсто за проевропската коалиција, врз основа на преброените 99 отсто од избирачките единици
Партијата „Грузиски сон“ на бизнисменот Бидзина Иванишвили ја потврди победата на изборите во Грузија, откако Централната изборна комисија соопшти дека има освоено мнозинство гласовите. Претседателот на грузиската Централна изборна комисија, Гиорги Каландаршвили, соопшти дека„Грузиски сон“ има освоено 54,08 отсто од гласачите на парламентарните избори, наспроти 37,58 отсто за проевропската коалиција, врз основа на преброените 99 отсто од избирачките единици.
Според него, обработени се податоци од 3.100 избирачки места од вкупно 3.111.
„Останатите неколку избирачки места се наоѓаат во странство, а информациите ќе се ажурираат за податоците да бидат подостапни“,
кажа Каландаршвили.
Опозицијата која исто така прогласи победа по првичните резултати, подоцна обвини за фалсификат и крадење на гласовите. Ваквите резултати, како што порачаа опозициските партии, ќе ја оддалечат земјата од влезот во Европската унија и ќе ја доближат до Русија.
„Не ги признаваме лажните резултати од украдените избори“,
изјави Тина Бакучева од партијата Обединето национално движење, една од четирите во опозициската коалиција.
Извршниот секретар на „Грузиски сон“, Мамука Мдинарадзе синоќа изјави дека резултатите што ги објави Централната изборна комисија покажале дека партијата обезбедила „цврсто мнозинство“ во новиот парламент.
Исходот од изборите беше далеку поразличен од првичните предизборни анкети кои беа во корист на здружената проевропска опозиција. Изборите во Грузија беа оценети како едни од позначајните за земјата и пресуден момент што ќе одлучи дали Грузија ќе се приближи кон Западот или ќе се приклони назад кон Русија среде војната со Украина.