Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи, порача Калајџиев
Членовите на Комисијата за помилување, именувани од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, поднесоа колективна оставка. Одлуката на Фејсбук ја соопшти еден од членовите, професорот Гордан Калајџиев.
„Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи. Со почит, проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири“,
се наведува во објавата.
Оставките следуваат по реакциите во јавноста во однос на одлуката за помилување на десетина осуденици од страна на претседателката Сиљановска-Давкова на 23 октомври. На листата помилувани се најде Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, кој пред повеќе години на социјалната мрежа Фејсбук се промовираше облечен во брендот „Версаче“, а подоцна го отвори и кафулето „Версаче“ во Трговскиот центар „Мавровка“. Покрај нив, помилување добија и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, Марјан Ефремов, првообвинет во аферата „Шпион“, како и Акиф Равманоски познат во јавноста како член на наркокланот „Барон“, чие име предизвика најмногу негодувања во јавноста.
Два дена по помилувањата, на излегување од затвор, Равманоски беше повторно уапсен, а членовите на Комисијата беа повикани на состанок кај претседателката. Претседателот на Комисијата, Методија Каневчев, тогаш изјави дека при одлучувањето се воделе од делата или во случајот за Равманоски од првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, која била условна, но потоа била заменета со ефективен затвор од страна на Апелацискиот суд.
„Тој е осуден за поседување оружје на ефективна казна затвор од една година и три месеци. Дома му е најден пиштол со пет проектили, не знам дали биле во шаржер или во самото оружје. Ние се раководевме од околноста што првостепената пресуда, значи пресудата на Основниот кривичен суд била условна осуда, утврдена казна од две години, со рок на проверување пет години. Апелацискиот суд ја преиначува пресудата во делот на казната и се решава за ефективна казна, тоа е онаа казна од една година и три месеци. Ние го разгледавме случајот и заклучивме тој се однесувал пристојно во затворот, не бил дисциплински казнуван, дека е со високо образование, дека е женет, дека има семејство. Поим немав дека, јас барем и сите други тврдам, дека тој бил некаков шеф на некаков клан и се решивме за првостепената пресуда на Основниот кривичен суд, односно нашиот предлог да биде идентичен со тој на првостепениот суд“,
кажа Каневчев.