Преводот на македонското издание е реализиран од Катерина Шекутковска oд издавачката куќа ,,Илика”, а монодрамата неколку пати беше изведена пред македонската публика во рамки на платформата за изведувачки уметности на здружението,,Тииит.Инк!” Промоцијата на книгата ќе се случи во петок, во КСП ,,Центар Јадро”, во 20 часот, додека во сабота во 12 часот, во бибилиотеката ,,Браќа Миладиновци”, читателите ќе имаат можност да присуствуваат на уште еден разговор за книгата и да ја запознаат авторката во поинтимна атмосфера. Гостувањето на Карен Јес е во организација на издавачката куќа ,,Илика” и Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка.
Трн: Би сакала да го започнеме разговоров со една одредница на која размислувам по читањето на ,,Мачката Елеонора”. Во контекст на твојата книга, но и пошироко, што значи за тебе радикално слободното живеење, конкретно инспирирано од Елеонора како главен лик, во свет каде сме постојано ограничени од патријархатот и конзервативните општества?
Карен: Изгледа двете сме ја имале истата мисла. Кога пишував често помислував: „се чувствувам како Елеонора“ – без да бидам мачка. Елеонора Гарацо на 40 години одлучува да го продолжи својот живот како мачка. Си купува крзно, преде, лиже, лови, дава отказ на работа и се повлекува од општеството. „Лудило”, може да си помисли човек, „не може така да живее!“. Но животот на Елеонора многу повеќе му наликува на животот на жените (или општо оној на малцинствата) отколку што мислиме на прв поглед. И ние исто така сме ограничени во обликувањето на нашиот живот. Во основа, апсурдно е што мора да се бориме за рамноправност. Како луѓето кои им припаѓаат на малцинските групи да се заробени во погрешни тела или во погрешен идентитет по цена рамноправно да учествуваат во општеството. „Не сѐ е метафора“, вели Елеонора. Но во овој поглед, таа самата, секако дека може да ни изгледа како метафора.
Tрн: „Maчката Eлеонора“ е повеќе од класична монодрама: го предизвикува хетеронормативното општество и ги ги открива неговите слоеви. Како гледаш на оваа театарска форма и современиот театар денес? Дали мислиш дека експерименталните форми во театарот овозможуваат поинтимно поврзување со поставениот текст, додека истовремено придонесуваат за неговата еволуција и континуиран развој?
Карен: Не мислам дека по секоја цена формата на еден драмски текст е пресуден за својот квалитет и за современ пристап кон општествени теми. Би кажала дури дека формата може лесно да нè залаже. Една добро направена претстава може и покрај својата конзервативна форма да пренесе модерни содржини, а еден формално експериментален текст може да го затскрие површното во содржината. За мене при пишувањето се поважни искреноста и страста: наместо да се прилагодувам на очекувањата, сакам во секој текст поединечно да изнајдам како тој сака да биде напишан. Експерименталната форма во ,,Мачката Елеонора”произлезе од непредвидливиот, делумно еруптивниот, а исто така и малку арогантниот карактер на протагонистката. Нејзините мисли се отсечни, не ги формулира до крај – како мачка, таа нѐ гледа, но наеднаш повеќе не. Елеонора Гарацо не може да биде конвенционална раскажувачка, тоа многу бргу ми стана јасно. Таа исто така не сака да биде разбрана, онака како што сме навикнати да ги разбираме луѓето.
Трн: Oдносот меѓу мачката како животно и Елеонора како жена е многу интересен, поради тоа што ги преиспитува динамиките на моќ, себство, идентитет, постоењето и етикетите кои континуирано се додаваат на она што сме или сакаме да бидеме. Како го истражуваш ова во книгата, наспроти нормирањето и дефинирањето, како и правото на сопствен избор – практично позицијата во која главниот карактер се наоѓа себеси?
Карен: Терапевтот на Елеонора, Гералд Вилдбрух, ја прашува својата клиентка, зошто сака да биде баш мачка, а не некое нескротено, диво животно. Му одговара дека таа не избрала да биде мачка. Таа едноставно е тоа. Како авторка, сериозно ја сфатив Елеонора во сознанието и одлуката да го продолжи својот живот во согласност со својот идентитет. Особено возбудливo ми е како другите ја гледаат Елеонора. Како ја оценуваме? Можеме ли да ѝ дозволиме да биде самата таа или сакаме да ја вратиме назад во нејзиниот човечки живот затоа што бараме општествена одговорност од неа? Дали можеби нѐ провоцира: Смее ли таа да прави што сака (а јас не???) Ме воодушевува дразбата што настанува тука. А таа не се грижи за тоа дали ни е нам симпатично тоа или не. Таа се измолкнува од нашите познати матрици на интерпретација.
Трн: Што те инспирираше во личниот процес на надминување на невидливите границите меѓу тебе и светот во релација со пишувањето на оваа драма и самата фикција воопшто? По објавувањето на книгата, како гледаш на тој внатрешен свет кој е над морални категории, над очекувањата на другите, а поблиску до светот на Елеонора?
Kарен: Можеби веќе го одговорив тоа во претходното прашање. Но, би сакала да надополнам, а тоа сигурно кажува и за начинот на кој Елеонора по објавувањето на драмата и понатаму живее во мене: пишувам роман во кој Елеонора е една од двете протагонистки. Тука се занимавам со тенката граница помеѓу општественото прифаќање и осудата. Но, не би сакала да откривам повеќе за тоа. Ќе биде возбудлив и сензитивен, но, како што нагласив, исто така и амбивалентен во поглед на одредени општествени прашања. Јас сум фан на застранувањeто од нормите, бидејќи верувам дека овие примери постојано ќе ни помагаат да не го толкуваме светот категорично, особено не бинарно.
Трн: Кое е твоето охрабрување за авторите на овие простори, кои и покрај сè, ја користат книжевноста како израз на својот бунт и стремеж за подобри и послободни општества и односи во нив? Дали веруваш дека сè уште може да ја користиме уметноста како инструмент за похрабро да се бориме за феминистички, солидарен, праведен дискурс околу нас?
Карен: Да, верувам во тоа. Верувам дека книжевноста и театарот се докажани средства за да се создаде слух отаде политичките рестрикции и да се искуси самостојно создаден ефек, токму бидејќи книжевноста не се изразува со факти, туку може во одредена мера да се заштити, понекогаш и мудро да се сокрие со средствата на фикцијата, реториката и стилот. Покрај тоа, книжевноста и театарот се исполнети со сензуалност и со блескава впечатливост, кои, така да се каже, се важни за градење на појака самодоверба. Убавината на солидарната храброст може да го заслепи насилството на репресијата.
Фото: Jewgeni Roppel
Дизајн: Ема Велковска и Марија Смилевска
Интервјуто го води: Ивана Јовановска