(ВИДЕО) Поплави во Италија: Водата носи сѐ пред себе, загина млад човек кој бил заробен во автомобил

Италијанските пожарникари соопштија дека нивниот хеликоптер пронашол тело на исчезнат маж. Станува збор за 20-годишно момче од областа Болоња кое загинало откако надојдената вода го поплавила автомобилот во кој било тоа заедно со неговиот брат кој успеал да се ослободи и да излезе од возилото, а 20-годишникот останал заробен

Фото: принтскрин

Бран екстремни временски услови ја погоди Италија викендов. Болоња, град на северот на земјата, беше поплавен откако во саботата вечерта паднаа повеќе од 80 милиметри дожд за неколку часа, поради што реката Равоне се излеа од коритото.

Покрај големите поплави, делови од градот останаа и без струја, а градоначалникот Матео Лепор им порача на жителите да не излегуваат надвор, да не возат автомобили и да се преселуваат на повисоките катови. Околу полноќ градското раководство побара од жителите да не ги пребликираат телефонските линии на полицијата и противпожарната служба со повици кои не се поврзани со заштитата и безбедноста на луѓето.

Италијанските пожарникари соопштија дека нивниот хеликоптер пронашол тело на исчезнат маж. Станува збор за 20-годишно момче од областа Болоња кое загинало откако надојдената вода го поплавила автомобилот во кој било тоа заедно со неговиот брат кој успеал да се ослободи и да излезе од возилото, а 20-годишникот останал заробен.

Во саботата имаше поплави и на други места во Италија, вклучително и на Сицилија каде аеродромот во Палермо беше привремено затворен поради поплави и прекини на електрична енергија. Градот Катанија на североистокот на Сицилија исто така беше зафатен од поплавите, а на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како Нигеријка се пробива низ надојдените води за да спаси Италијанец кој водата го носела по улица.

По обилните врнежи кои се очекува да паѓаат и вечерва, службите за цивилна заштита издадоа умерено портокалова тревога во пет региони и пониска жолта тревога за метео-аларм во 13 региони низ Италија.

- Реклама -