90 години од генијалноста на Влада Урошевиќ, ткајачот на соништа низ времето

Настанот, симболично наречен „старовремска вечер“, беше обоен со костими од минатото, како рефлексија на она што Оливера Ќорвезироска, автор и уредник, го нарече „конзистентно модерниот дух на Влада Урошевиќ“. „Сите овде сме облечени во старовремска облека, освен професорот Урошевиќ, кој секогаш е, бил и ќе биде ултра модерен,“ истакна таа во своето отворање.

Урошевиќ, пак, со својата препознатлива скромност и интелектуална длабочина, сподели детали од неговото неодамнешно патување во Париз. Посетата на изложбата „100 години надреализам“ во центарот Жорж Помпиду беше негова желба која решил да си ја исполни за неговиот роденден. Тој опиша како изложбата го навратила на важни моменти од сопствениот живот и творештво. Интересно е што овој историски настан – објавата на Бретоновиот манифест – се случил точно 10 години пред неговото раѓање, создавајќи симболичка врска меѓу Урошевиќ и надреализмот. „Господинот Случај не поставува во некои совпаѓања и аналогии кои плетат една мрежа од зависности околу нашиот живот,“ вели Урошевиќ, поетски рефлектирајќи за случајностите кои го дефинираат неговиот животен пат.

Овој мајстор на зборот и имагинацијата сподели и како за првпат се искачил на алхемичарската кула Сен Жак во Париз, исполнувајќи една од неговите најголеми желби од младоста. Кулата, изградена во 16-тиот век, ја издигнува легендата за алхемичарот Никола Фламел, кој наводно претворал олово во злато. Урошевиќ, пак, од своето прво патување во Париз во 1967 година, ја чекал оваа шанса. Со секој негов збор, вечерта стана уште помагична, како што и самото искуство на искачувањето од 300 скалила делуваше како метафора за неговата духовна и творечка потрага.

Вечерта беше обоена со спомени од неговите поранешни студенти, меѓу кои и професорката Лидија Капушевска Дракуловска. Таа го опиша своето прво предавање со Урошевиќ како „чисто чудо“. Неговите лекции за митови, магија и древни цивилизации го освоија вниманието на цела генерација. „Амфитеатарот беше преполн не само со студенти од нашата катедра, туку и од други факултети. Таа магија не можеше да се пропушти,“ се присетува таа.

Урошевиќ во својата беседа ја истакна улогата на случајноста како клучен елемент во животот и книжевноста. Според него, „Случајот е највисокиот принцип во универзумот,“ и токму тој му помага на човекот да открие значајни сознанија и доживувања.

Урошевиќ не само што е легендарен раскажувач, туку и вечен ученик, како што сам вели. За него, секој период од животот носи нови можности за учење. Со секое ново откритие, тој ги обновува своите „витални сили“ и станува повторно студент на светот, со неуморно љубопитство.

Токму таа љубопитност е она што го одликува Урошевиќ како гениј. Неговите предавања токму затоа не биле само академски лекции, туку отвори кон светови на соништа, митови и алхемија. Секој момент со него е како да гледате во непознато огледало, кое ви го рефлектира светот, но од поинаков агол, полн со магија.

Така, вечерта посветена на овој мајстор на литературата, не беше само обична прослава на неговиот роденден. Тоа беше вистинско патување низ времето и просторот, низ неговите зборови, идеи и доживувања. Влада Урошевиќ ни покажа дека човекот може да биде вечен ученик и авантурист на својата сопствена имагинација – и секогаш да чекори по скалилата кон нови височини.

Пред неколку месеци, во едно од нашите интервјуа, професорот Урошевиќ ја спомена својата желба да постави изложба на фотографии. Трн искрено му посакува оваа визија да се оствари, бидејќи неговиот остар визуелен сензибилитет, кој длабоко ја обојува неговата книжевност, веруваме дека ќе биде подеднакво моќен и преку фотографијата. Со нетрпение го очекуваме тој момент и му посакуваме уште многу нови творечки авантури.

Фотографии: Надица Манева Ангеловски

- Реклама -