Трамп: На Путин му се заканив да не ја напаѓа Украина, а Си знае дека сум луд

На предизборните митинзи, републиканскиот кандидат тврди дека непријателите на Америка нема да дејствуваат против американските интереси под негово претседателство бидејќи би се плашеле од силен, дури и непредвидлив одговор

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека Кина нема да се осмели да го испровоцира ако се врати во Белата куќа, бидејќи претседателот Си Ѓинпинг знае оти републиканскиот кандидат е „луд“.

Во изјава за „Волстрит журнал“, Трамп рече дека доколку биде избран за претседател следниот месец, ќе воведе царини за Кина ако се обиде да го блокира Тајван.

„Би рекол: Ако влезете во Тајван, жал ми е што морам да го направам ова, но ќе ве оданочам од 150 до 200 отсто“,

рече тој.

На предизборните митинзи, републиканскиот кандидат тврди дека непријателите на Америка нема да дејствуваат против американските интереси под негово претседателство бидејќи би се плашеле од силен, дури и непредвидлив одговор.

Тој во изјава за „Волстрит журнал“ нагласи дека нема да мора да користи воена сила за да спречи блокада на Тајван бидејќи претседателот Си го почитува и знае дека е „луд“.

„Имав многу добри односи со него“,

рече Трамп за кинескиот претседател.

„Тој всушност беше добар, не сакам да кажам пријател – не сакам да звучам глупаво, ‘тој ми беше пријател’ – но многу добро се согласувавме. Тој е многу остар човек“,

додаде Трамп.

Тврди дека му се заканувал на Путин

Трамп позитивно се изјасни и за односот со рускиот претседател Владимир Путин, велејќи:

„Одлично се сложувавме“.

Но Трамп, кој претходно беше критикуван дека го пофалил рускиот лидер, рече дека му се заканил да не ја напаѓа Украина. Трамп раскажа како му рекол на Путин:

„Ќе те удрам токму среде твојата проклета Москва“.

Му рекол:

„Ние сме пријатели, не сакам да го правам тоа, но нема да имам избор“.

Путин одговорил:

„Нема шанси“.

Трамп му вратил:

„Има шанса“.

Со своите ветувања дека ќе води трговски војни и ќе стави крај на учеството на САД во војната меѓу Русија и Украина, Трамп ја означи својата надворешна политика како „Америка на прво место“, иако противниците велат дека е изолационистичка, јавува Би-би-си.

- Реклама -