Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје укажува на податоците што ги објави Државниот завод за статистика овој месец, според кои над 120 000 деца во земјава, или 32,8 отсто од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија.

„Стапката на сиромаштија кај децата е за 50 отсто повисока отколку кај возрасната популација (22 отсто) и се зголеми од 28 отсто во 2015 година на 32,8 отсто во 2021 година, покажувајќи со тоа дека децата се изоставени од економскиот развој на земјата. Состојбата предизвикува голема загриженост имајќи предвид дека децата се поранливи на ефектите од сиромаштијата. Сиромаштијата во детството ги засега сите аспекти од животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата, и има висока цена врз човечкиот капитал и просперитетот. Земајќи го ова предвид, со усвојувањето на Целите за одржлив развој во 2015, земјата цврсто се заложи до 2030 година да го намали за најмалку половина процентот на деца што живеат под прагот на сиромаштија“, наведува УНИЦЕФ.
Наведува дека недоволното инвестирање во социјалната заштита придонесе да има постојано недоволна опфатеност на децата во земјата и дека јавните расходи за социјална заштита заостануваат зад другите сектори и се далеку под просекот на Европската Унија.
„Денес помалку од 23 отсто од домаќинствата со деца во Северна Македонија добиваат парична помош наменета за деца или домаќинства со деца, додека просекот во ЕУ изнесува 88,4 отсто. Една од клучните можности за справување со детската сиромаштија е проширување на опфатот и подобрување на висината на паричната помош за децата што живеат во сиромаштија. Ова може да вклучи проширување на образовниот додаток за да ги опфати и децата во предучилишно образование кое е клучно за градење вештини што им се потребни на децата за да успеат подоцна во животот; подобро информирање и поддршка за да им се овозможи на семејствата пристап до паричната помош која им следува; и усогласување на паричната помош насочена кон децата со реалните трошоци на живот“, посочува УНИЦЕФ во соопштението.
Според Организацијата на ОН за заштита на правата на децата „земјата би можела да размисли и за воведување универзална парична помош за деца, која на глобално ниво покажа дека државите може да си ја дозволат дури и во време на кризи, и е ефикасна политика за намалување како на вкупната сиромаштија, така и на детската сиромаштија“.
Универзалниот пристап – парична помош за секое дете, додава УНИЦЕФ, драстично ги намалува административните трошоци, ризикот да се исклучат некои деца на кои им е потребна помош и ризиците од стигма и дискриминација.
 
 

Извор