Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир најавија финансиска поддршка за Здружението „Академија на науки и уметности на Албанците“

Целта на ваквата поддршка, како што велат градоначалниците од редовите на „Вреди“, е со цел да се забрза динамиката за институционализација на оваа организација. По средбата којашто ја остварија со професори од Здружението, градоначалниците на четирите општини соопштија дека сметаат оти е дојдено време Албанците да бидат претставени на соодветно академско ниво во рамки на Академија на науките и уметностите на Албанците

Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, кои доаѓаат од редовите на владејачката коалиција „Вреди“, денеска најавија поддршка од секаков можен аспект, пред сè финансиска, за Здружението на граѓани „Академско здружение за науки и уметности на Албанците“. Целта на ваквата поддршка, како што велат, е со цел да се забрза динамиката за институционализација на оваа организација.

Од денешниот состанок на градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир / Фото: Билал Касами

По средбата којашто ја остварија со професори од Здружението во просториите на Општина Тетово, градоначалниците на четирите општини соопштија дека сметаат оти е дојдено време Албанците да бидат претставени на соодветно академско ниво во рамки на Академија на науките и уметностите на Албанците.

„Овој исклучиво научен проект на ‘Вреди’ не е наменет да предизвика етнички тензии или паралели во државната образовна номенклатура, туку за да создаде уште една научна институција која ќе ја обедини автентичната албанска мисла во заеднички и еднаков општествен развој. Овој проект ја одразува нашата визија за зајакнување на националниот идентитет на Албанците во најстратешките области – науката и уметноста“,

порача по средбата тетовскиот градоначалник Билал Касами.

Касами додаде дека „Вреди“ ќе го почитува ставот на коалициските партнери во Владата околу потенцијалното формирање на академијата, но додаде дека за разлика од порано, кога како пример го посочи формирањето на Тетовскиот универзитет, сега реакциите се многу „понормални“ во однос на ваков тип проекти.

„Првите чекори за финансирање на Академијата веќе се преземаат со помош на нашите општини предводени од кадарите на ‘Вреди’, кои го поддржуваат овој проект и придонесуваат за создавање на инфраструктура потребна за идни истражувања. Ќе го поддржиме како проект и ќе работиме заедно со професорите, тоа да има и формално-правно решение. Треба да биде резултат на една поширока општествено-политичка дебата и да се најде соодветно решение. Како ќе биде формално-правно, тоа останува на договорот што ќе го постигнеме со коалициските партнери и со сите чинители во оваа држава“,

рече Касами. 

Хисен Јашари од Здружението истакна дека пред една година барале од сите политички партии, но само од Коалицијата „Вреди“ ја прифатиле нивната понуда за разговор. Вели дека бараат општествен дијалог, а до Владата, како што рече, доставиле елаборат од 120 страници до Владата, но не добиле одговор.

„Бараме академска слобода. Ние функционираме како академија, структурата на луѓето е таква. Регистрирани сме како здружение на граѓани, бидејќи тоа беше условот за да може да не регистрираат, но структурата, прашањата со кои се занимаваме се академски. Во уставот има повеќе работи за академската структура. Нема ни збор за МАНУ. Пишува за академска слобода, научно творештво и работа. Законот за научно истражувачка дејност, МАНУ го става во редот како се основаат факултетите. И ние сме деца на унитарна држава и бараме и за нас да има посебен закон“,

истакна Јашари.

- Реклама -