Тројцата наши мировници нема да бидат повлечени од Либан, во моментов се добро – вели Мисајловски

Но, во случај на загрозување на нивните животи или слична состојба „ќе реагираме и ќе алармираме“, додава министерот за одбрана, кој во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител информираше за нивната состојба

Тројцата офицери на македонската армија кои се дел од мировната мисијата на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) се чувствуваат добро, но ако дојде до загрозување на нивната безбедност веднаш ќе се реагира, вели министерот за одбрана, Владо Мисајловски.  

Министерот за обрана, Владо Мисајловски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител / Фото: Принтскрин

За состојбата на мировниците на Армијата на Република Северна Македонија во Либан ресорниот министер информираше во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, откако петмина припадници на мисијата на Обедините нации беа ранети во борбените дејствија меѓу Израел и Хезболах.

„Таму (во Либан) имаме тројца припадници, македонски офицери, мировници, каде од ден за ден се влошуваат состојбите. Тие се чувстуваат добро, секој ден сме во контакт. Сакам да знаете дека се чувствуваат добро, но тензично е секој ден. Имаше напади, имаше уништена кула (од која оперираат мировници н.з.), и беа повредени двајца мировници од кои еден потешко. Секој ден на таа ‘сина линија’, односно местата каде што се командните центри има огромни дејствија, односно копнени дејствија, но еве започнуваат и тенковски напади што навистина е сериозно“,

изјави Мисајловски.  

На дополнително прашање, дали нашите мировници ќе бидат повлечени, министерот рече во овој момент нема, бидејќи се чувствуваат добро и функционираат како што треба под италијанска команда.  

„Но, во случај на загрозување или слична состојба ќе реагираме и ќе алармираме“,

додаде министерот за одбрана.

Инаку, денеска 34 земји кои се дел од мисијата на Обединетите нации во Либан потпишаа заедничка изјава со која ја реафирмираат потребата од заштита на мировниците на УНИФИЛ и со која ги осудуваат најновите напади врз нив.  

Писмената изјава, која како што пренесува „Гардијан“ била иницирана од Полска, доаѓа откако петмина мировници изминативе денови беа ранети во израелските напади на територијата на Либан во операции против Хезболах.  

Северна Македонија не е меѓу потписниците на изјавата.  

„Сметаме дека улогата на УНИФИЛ е од клучно значење во светло на ескалацијата на ситуацијата во регионот. Затоа, силно ги осудуваме неодамнешните напади врз мировниците на УНИФИЛ. Ваквите дејствија мора веднаш да престанат и треба соодветно да се истражат“,

се вели, меѓу другото, во писмото. 

Реакција во врска со извештаите за израелскиот напад на кулата на УНИФИЛ во Либан стигна и од американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, во која вели дека САД се длабоко загрижени поради ваквата ситуација.   

„Додека Израел спроведува насочени операции во близина на ‘сината линија’ за уништување на инфраструктурата на Хезбалах, од клучно значење е неговите сили да не ја загрозуваат безбедноста и безбедноста на мировниците на ОН. УНИФИЛ мора да може да работи слободно и во согласност со својот мандат и мировниците на ОН никогаш не смеат да бидат цел на напад“,

се вели во изјавата на амбасадорката на САД во ОН.  

„Сината линија“ е демаркациска линија воспоставена од Обединетите нации што го дели Либан од Израел и Голанската висорамнина. 

И покрај тоа што петмина припадници на мисијата беа ранети во последните неколку дена, откако Израел ги прошири своите напади низ Либан, УНИФИЛ соопшти дека нема да ги повлече своите мировници од земјата. 

- Реклама -