Членовите на документарниот тим на National Geographic открија човечки останки на Монт Еверест кои очигледно му припаѓаат на човек кој исчезнал при обидот да се искачи на врвот пред сто години, објави магазинот.
Климатските промени ги топат снегот и мразот околу Хималаите, сè повеќе откривајќи ги останките на планинарите кои загинале обидувајќи се да го остварат својот сон – да стигнат до највисоката планина во светот.
Британецот Ендрју Ирвин исчезнал во 1924 година заедно со неговиот партнер, планинарот Џорџ Мелори, додека заедно се обидувале да го искачат врвот на Еверест, на 8.848 метри надморска височина.
Телото на Мелори беше пронајдено во 1999 година, но немаше индиции за судбината на Ирвин сѐ додека тимот на National Geographic не откри чизми со остатоци од стапала на врвот на централниот глечер Ронгбук. Со повнимателна проверка, откривме дека станува збор за чорап со „црвена етикета со името – A.C. IRVINE зашиена на него“, објави во петокот магазинот.
Откритието би можело да биде многу корисно и да открие дополнителни информации за локацијата на личните работи на тимот, истовремено помагајќи да се реши една од најдолгогодишните мистерии на планината: дали Ирвин и Мелори некогаш стигнале до врвот?
Новите информации може да откријат дека Ирвин и Мелори биле првите кои успешно се искачиле на врвот, речиси три децении пред првото моментално признаено искачување на врвот во 1953 година. Тогаш тоа им успеа на планинарите Едмунд Хилари и Тензинг Норгај.
„Тоа ќе ни каже што веројатно се случило“, рече правнуката на Ирвин, Џули Самерс за National Geographic. Членовите на семејството Ирвин, наводно, понудиле примероци од ДНК за да го утврдат идентитетот на останките. Ирвин имал само 22 години кога исчезнал.
Него, заедно со Мелори, последен пат ги видел еден од членовите на нивната експедиција. Било попладнето на 8 јуни 1924 година, откако тоа утро го започнале своето последно искачување до врвот.
Се верува дека Ирвин носел камера над својот елек, а нејзиното откривање може да биде пресудно и да придонесе за евентуално препишување на историјата на планинарењето.
Фотографот и режисер Џими Чин, еден од членовите на тимот на National Geographic, верува дека откритието „сигурно го стеснува полето за потрага“ по толку посакуваната камера.
Од почетокот на експедициите во 1920-те, повеќе од 300 луѓе загинаа на планината. Телата на некои од нив останале под мразот и снегот, а дел биле проголтани од длабоките амбисии.
Некои од нив и денес во шарени костуми за качување и со опрема, станаа ориентир за другите алпинисти на нивниот пат кон врвот. Многу добија различни прекари.