За СДСМ зголемувањето на платите на наставниците од пет отсто е манипулативен потег на Владата, бара тоа да биде 12 отсто

Манипулацијата, како што наведуваат од опозициската партија, очигледно е се цел да се спречи најавуваниот штрајк во образованието, а не да им се излезе во пресрет на наставниците

Зголемувањето на платите на наставниците, што денеска на заедничка прес-конференција го објавија премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Синдикатот на образованието (СОНК), Јаким Неделков од опозицискиот СДСМ го оценија како козметички потег, кој не одговара на барањата и реалните потреби на наставниците.  

Седиштето на Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) / Фото: Архива

Според СДСМ, минималното зголемување на платите на наставниците од само 5 проценти, наместо планираните 12 е срамно и преставува обид за амортизација на незадоволството што постои.  

„Владата на Христијан Мицкоски ги потценува наставниците и нивниот труд. На наставниците и просветните работници не им требаат утешителни награди туку реален раст на платите. Наставниците заслужуваат поголема почит и поддршка за нивниот труд и напор во воспитувањето на идните генерации, а не минимални, козметички зголемувања на плати кои не одговараат на реалните потреби. Во предизборната кампања, Мицкоски и неговите соработници ветуваа значајно подобрување на животниот стандард на наставниците, но сега, кога се на власт, ги заборавија своите ветувања и се фрлија на манипулација“,

се вели во реакцијата од опозициската партија.  

Манипулацијата, како што наведуваат оттаму, очигледно е се цел да се спречи најавуваниот штрајк во образованието, а не да им се излезе во пресрет на наставниците.  

Од СДСМ бараат платите на наставниците да се зголемат за 12 отсто, а за тоа, како што велат, има пари во буџетот

„Се потврди дека изговорите дека нема пари во буџетот, како што велеше Мицкоски, се само алиби за да не им бидат покачени платите. Пари има во буџетот а наставниците и просветните работници заслужуваат реално и вистинско зголемување на платите кое треба да биде 12%. Затоа бараме платите на наставниците да се зголемат за 12% како што им следува. Владата на Мицкоски мора да престане со лагите и манипулациите, и да преземе конкретни чекори за да обезбеди достоинствена плата и услови за работа на наставниците, како што беше ветено“,

порачуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.  

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков на денешната прес-конференција имс е заблагодари на премиерот, на министерката за образовани и на министерката за финансии, бидејќи, како што кажа, и покрак тешката економска ситуација и кондицијата на буџетот се нашле средства за да се исплати зголемувањето на платите. 

Задоволството е поголемо бидејќи се договоривме за континуиран раст на платите во основното и средното образование во период од 4 години. Според нашите заеднички математики, наставниците и професорите ќе имаат плата на ниво на просечната или повисока од неа“,  

рече Неделков.

Премиерот Мицкоски со раководството на СОНК / Фото: Сектор за односи со јавност на Владата на РСМ

Премиерот потенцираше дека е задоволен од фактот што е постигнат долгорочен договор кој натаму нема да предизвикува тензии во односите меѓу социјалните партнери. Тој договорот со СОНК го оцени како историски во насока на подобрување на финансиската состојба на наставниците и на професорите во основното и средното образование.  

Платите покачени за 5 проценти на наставниците ќе им бидат исплатени во ноември со октомвриската плата. Дополнителни зголемувања на платите, кои во зависност од кондицијата на буџетот, ќе се движат од седум до 12,5 проценти премиерот најави дека ќе има и во следните четири години.  

„Тоа, во овој дијапазон за кој сега зборуваме би значело во март 2028 година, наставниците и професорите би требало да земаат отприлика минимум 48 проценти повисока плата од таа што ја земаат денеска. Може тоа да биде и повеќе, во зависност од тоа каква ќе биде приходната страна на буџетот “,

кажа премиерот Мицкоски.  

- Реклама -