Советот на ЕУ ја одобри реформската агенда на С Македонија и на уште четири земји од Западен Балкан, вредни шест милијарди евра

Со овој пакет ЕУ се обидува да го помогне економскиот раст на земјите во регионот и на тој начин да го забрза нивниот процес на евроинтеграција

Реформските агенди на Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и на Србија се одобрени како дел од новиот пакет за реформи и раст вреден шест милијарди евра, објави унгарското претседателство со Советот на ЕУ на својот официјален профил на Икс.

„Ова го отвора патот за предфинансирањето да почне за време на унгарското претседателство. Поддршката на интеграциите на Западен Балкан останува клучен приоритет за унгарското претседателство“,

се вели во објавата на Икс.

„Еуроњуз Албанија“ објави дека реформските агенди за петте држави биле прифатени и тие ќе може да добијат дел од пакетот од Планот за раст, вреден шест милијарди евра. ИПА Комисијата на ЕУ, пишува медиумот, даде согласност за реформските агенди на Косово, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Единствената држава од регионот што се уште мора да чека да и се одобри агендата е Босна и Херцеговина, бидејќи документот што оваа земја го испрати до ЕУ бил некомплетен, а не биле земени во предвид ниту сугестиите што ги дала Европската комисија.

Се очекува Европската комисија да го даде финалното одобрување за имплементација на исплатите на 16 октомври, со што ќе може да се направат првите исплати од овој пакет за земјите.

Но, претходно, се додава во објавата од „Еуроњуз Албанија“, земјите-кориснички мора да потпишат договори и да ги ратификуваат во нивните парламенти, бидејќи две милијарди од пакетот ќе бидат неповратни средства, а другите четири милијарди се поволни заеми.

Со овој пакет ЕУ се обидува да го помогне економскиот раст на земјите во регионот и на тој начин да го забрза нивниот процес на евроинтеграција.

Во април и мај годинава Европскиот парламент и Советот на ЕУ се согласија – земјите од Западен Балкан да добијат 6 милијарди евра од Брисел. За Северна Македонија се наменети 750 милиони евра, а првата транша ќе изнесува седум проценти, односно 52,5 милиони евра.

Целта на Планот за раст е преку засилена економска интеграција на земјите од регионот меѓу себе и со ЕУ, постепено да почне да се намалува разликата во стандардот на државите од Западен Балкан и Унијата.

- Реклама -