Бугарија нема доволна свест за малцинските права како составен дел на човековите права, укажува Советодавниот комитет на Советот на Европа

„Лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни“, се наведува во документот

Додека Бугарија игра сè поактивна улога во унапредувањето на правата на бугарските малцинства во странство, истите напори не може да се забележат внатре во земјата. Генерално, постои недоволна свест за малцинските права како составен дел на човековите права. Нема заложба ниту за спроведување на бројни препораки за прашања како што е принципот на слобода на самоопределување, унапредување и заштита на малцинските права и потребата за целосна еднаквост и интеграција во општеството на сите што живеат во Бугарија.

Ова, меѓу другото, е оценката за состојбите во Бугарија на Советодавниот комитет на Советот на Европа за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.

„Лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни“,

се наведува во документот. 

Лицата кои се самоидентификуваат како Македонци до Советодавниот комитет пријавиле дека сметаат оти некои активности на властите активно ги обесхрабруваат да се самоидентификуваат на овој начин. Пријавиле случаи на напади за време на јавни настапи, како и пречки за организирање протести и различни настапи од јавен карактер.

Во оваа смисла Комитетот нагласува дека е потребно да се следи прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македоцни, врз основа на принципот на слободна самоидентификација. 

Извештајот, меѓу другото, ги нотира и пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во 12 случаи против Бугарија во кои е утврдено прекршување на член 11 од Конвенцијата за човекови права во врска со слободата на собирање и здружување на организацијата на Македонците во Бугарија, ОМО „Илинден“, чие регистрирање било одбиено од националните судови во Бугарија.

Комитетот посочува дека ЕСЧП оценил оти ваквите судски одлуки се неоправдани и претставуваат „непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, меѓу другото, бидејќи здруженијата не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на своите цели“.  

Советодавниот комитет во извештајот ги повикува бугарските властите да обезбедат доволно, наменско и одржливо долгорочно основно финансирање за зачувување и промовирање на културите и идентитетите на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, со посебен фокус на бројно помалите. Властите се повикуваат и да го промовираат изучувањето на јазиците на малцинствата.

- Реклама -